Ако веќе се инсистира на уставни измени, тогаш потребно е решение што ќе биде во согласност со македонските национални интереси, а не со оние на Брисел (читај: Софија). Тоа подразбира уставни измени со кои ќе се истакне носечката државотворна улога на македонскиот народ, кој ќе биде издвоен како главен конститутивен народ, заедно со признавањето на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на државата. Решението за промена на Уставот и содржината на промените не може никој да ги диктира и наметнува, туку тоа мора да биде резултат на внатрешна суверена одлука. Ако веќе се внесуваат Бугарите во Уставот, одлуката за тоа како и каде ќе бидат споменати повторно мора да биде донесена врз основа на широка дебата и општествен консензус прифатлив за мнозинството, решение што утре нема да предизвикува дополнителни поделби и дестабилизација на државата, туку ќе претставува врзивно ткиво меѓу конститутивниот македонски народ и сите малцински заедници што живеат во земјава

Никој нема право да кажува и да уценува една суверена држава за одлуките што треба да ги донесе

Највисок демократски дострел во една држава е кога клучните одлуки за нејзината иднина се носат со заедничко, што посевкупно учество, преку една широка и сеопфатна дебата од која ќе се изнедри решение што ќе биде на линија на националните државни интереси и кое нема да биде предмет на внатрешни поделби, туку уште повеќе ќе биде кохезивен елемент во општеството.
Пат-позицијата во која се најде земјава со уставните измени е најдобра потврда што се случува кога еднострано се прифаќаат одлуки што се наметнати од некои надворешни центри, со единствена цел да предизвикаат дополнителен општествен раздор. Слепото прифаќање на таквите предлози создава револт во општеството, кое уморно од многуте неисполнети ветувања на меѓународната заедница повеќе нема намера да голта уште горчливи апчиња, туку сака одлуките за својата иднина да ги носи самостојно, без мешање и притисоци однадвор.

Неприкосновено право на секој народ е самиот да одлучува за својата иднина

Затоа и наративот што одредени кругови во земјава го пласираат за тоа дека постои одбивност кај македонските граѓани за внесување на Бугарите во Уставот е контрапродуктивен бидејќи не ја одразува вистината, која е сосема поинаква од онаа што некој сака да ја пласира. Имено, граѓаните во ниту еден момент не кажаа дека се против внесувањето на Бугарите во Уставот, туку дека сакаат решението да произлезе како резултат на консензус и транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени сите релевантни чинители тука во земјава. Тоа е неприкосновено право на секој народ, сам да носи одлуки за сопствената иднина.
Ако сегашното туркање на мускули на уставните измени надвор од секаква законска процедура не даде плод, тоа покажува колкав е отпорот кај народот кога се заобиколуваат законските процедури и кога некој на сила се обидува дополнително да го масакрира и обезличува Уставот, кој веќе стана непрепознатлив во однос на изворната верзија од пред три децении.
Токму затоа, имајќи предвид дека Уставот, поточно највисокиот правен акт, е одраз на сувереноста на една држава, секаков обид да се наметнат решенија однадвор, всушност, претставува најбезобѕирно мешање во внатрешните работи.
– Власта треба да се извлече од опсесијата со прашањето на уставните измени и да видат малку поширокиот контекст да се обидат да го почувствуваат, така можеби ќе се сетат како да предложат и подобро решение за влегување на Бугарите во Уставот – истакна новинарот Бранко Героски во гостување во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.
Според него, власта влегува во оваа приказна пропагандистички, површно и влегува со една сервилност со прифаќање на уцените од Софија, од кои не може да се конституира сериозна одржлива политика.
– Навистина може да се најде подобро решение за уставните промени. Да, Европа ни вели мора да ги внесете Бугарите во Уставот, тоа е јасно, но Европа не ни вели дека мора вака да ги внесете, Европа не вели стави запирка, пиши Бугари, стави точка. Што ние ќе запишеме во Уставот и како ние ќе го стокмиме тоа решение, дали ќе предвидиме можеби и еден наратив со кој ќе го зацврстиме идентитетот на македонската нација со што ќе кажеме дека оваа држава почнува меѓу другото и на долговековната традиција, култура, идентитет на македонската нација, тоа е наша работа – нагласи Героски.

Бугарското малцинство веќе ги ужива сите права и со актуелното уставно решение

Професорката по уставно право и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова смета дека решението веќе го има во актуелниот устав и без никакви интервенции бидејќи малцинските права ги уживаат сите граѓани во државата, без оглед што не се наведени како дел од народ во Уставот.
– Кај заштитата на малцинските права е важна суштината. Суштината кај нас ја има бидејќи во членот 48 и амандманот 8 точно се вели дека се гарантираат сите малцински права, спомнати неспомнати е ирелевантно. Ние имаме во преамбулата наведено „и други“, и Хрватска има „и други“, не може сите да бидат набројани. Тоа значи дека постојат овие гаранции за малцинствата. Меѓутоа, кога ќе ги внесете, тоа значи конститутивен народ и бидејќи ние посегнавме по нешто што никој не го прави, трипати се обидуваат да ја сменат преамбулата, веќе таа не личи на она што била и вие проектирате нешто во минатото. Јас тврдам дека кога била создавана НР Македонија на АСНОМ, не биле Бугарите конститутивен народ. Јас исто така информирам дека во ниту еден извештај на ЕУ нема забелешка за отсуство на Бугарите или за кршење на правата на малцинствата и исто така укажувам дека никогаш Бугарија порано не барала да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав. Тоа значи дека се заштитени. Кога не би биле, јас прва би рекла дека не смее да остане ваквата ситуација, но заштитени се. Ние не сме заштитени во Бугарија – потенцира Силјановска-Давкова.
Според неа, притисоците што сега се прават за уставните измени се спротивни на основните европски начела и принципите на самата ЕУ.
– Нема посуверено прашање од Уставот. Впрочем, Уставот не е само законот над законите, највисокиот правен акт, туку е и своевидна општествена повелба и, се разбира, кога се пишува устав се тргнува од што, секогаш првиот или вториот член е „суверенитетот извира од граѓаните и им припаѓа ним“. Всушност и во актите на ЕУ, во Договорот за ЕУ, убаво пишува дека ЕУ ќе ги почитува не само традицијата, историјата, националниот и културниот идентитет на народите туку и дигнитетот и интегритетот на луѓето, меѓутоа, исто така, и политичките и уставните структури… Многу членки на ЕУ, кај прашањето на суверенитетот дури ја имаат вечната клаузула, непроменливоста. Многу од тие држави, особено оние од Централна и Источна Европа, уставот го сметаат за најсуверено прашање. Тоа не е така кај нас и ова не е првпат – констатира професорката Силјановска-Давкова.
Она што може да се констатира перципирајќи го општествениот дискурс, тоа е потребата од изнаоѓање решение во согласност со македонските национални интереси, а не со оние на Софија. Тоа подразбира уставни измени со кои ќе се истакне носечката државотворна улога на македонскиот народ, кој ќе биде издвоен како главен конститутивен народ, заедно со признавањето на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на државата. Решението за промена на Уставот и содржината на промените не може никој да ги диктира и наметнува, туку тоа мора да биде резултат на внатрешна суверена одлука на сите. Ако веќе се внесуваат Бугарите во Уставот, одлуката за тоа како и каде ќе бидат споменати повторно мора да биде донесена врз основа на широка дебата и општествен консензус прифатлив за сите, решение што утре нема да предизвикува дополнителни поделби и дестабилизација на државата, туку ќе претставува врзивно ткиво меѓу конститутивниот македонски народ и сите малцински заедници што живеат во земјава, без оглед дали е спомената нивната етничка припадност или, пак не. Сите тие треба да ги уживаат највисоките малцински права, кои барем во Македонија ги има многу повеќе за разлика од некои актуелни земји-членки на ЕУ.