Агелер и тајните друштва

Го гледам насловот и се смеам самата на себе: ова звучи како наслов од серијалот за Хари Потер. Само што Ангела Агелер, новата губернаторка во Македонија, никако не може да биде слична на оној симпатичен лик. Амбасадори (особено испратени во една ваква недојдија како нашата) никогаш и не ми биле омилени ликови, но овој пат ја споменувам само попатно. Контекстот е поврзан со зборовите „транспарентно“ и „корупција“, кои деновиве ја брануваат јавноста (барем на социјалните мрежи). Ми сугерираа да напишам уште нешто (покрај досегашните две колумни на таа тема) за договорот со „Бехтел и Енка“ во овој контекст. Ќе си земам слобода да пренесам јавен фејсбук-статус на Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии, кој убаво поентира: „Многу е едноставно: 1. Дали е договорот со ’Бехтел и Енка’ даден на увид на граѓаните на Македонија?! Не! 2. Дали е транспарентен овој процес? Не! 3. Дали знаеме што е потпишано? Не! 4. Дали треба да веруваме на ветувања, уверувања, колнење на база на жими мајка дека сѐ е во ред со договорот… итн.?! НЕ! 5. Дали ваквиот нетранспарентен пристап отвора можност за коруптивни активности?! Да! 6. Дали е национален интерес да имаме добро владеење и транспарентност на сите процеси? Да! 7. Дали се менуваат низа закони со европско знаменце, а не треба така?! Да! Не треба никој да ни кажува како да мислиме и да нѐ уверува дека сè ќе биде ок. Треба самите граѓани да се уверат со свои очи дека процесите се во ред и нема можност македонскиот буџет да е злоупотребен. Сè друго не е во ред и никако не е во интерес на оваа држава, оти еден преседан создава практика што долгорочно може да ни се удри од глава.“ Но проблемот е многу поголем. Поголем од една корпорација, од една амбасадорка на суперсила, па дури поголем и од таа суперсила.
Некои веќе реагираа на последната годишна средба на фамозната група Билдерберг, која заврши вчера во близината на Лисабон (првата била одржана во далечната 1954 година). Станува збор за редовен „самит“ на една тајна дружина (додуша со релативно променлив состав, во кој место наоѓа „западниот крем“ т.е. претставници на кралски семејства, високи државни функционери, банкари, првите луѓе на најмоќните корпорации, генерали, претставници на НАТО и ЕУ итн.). Дури и сериозни научни работници на Билдерберг гледаат како на некаква глобална „масонска“ ложа, како центар на либералната кабала, односно како собир на најмоќните луѓе што одлучуваат, па дури и го водат светот. Ако вака гледаат научници, тогаш може да замислите каква богата почва е ова за теории на заговор!? Иако, особено последниве години, дури и без официјални соопштенија или заклучоци, однапред се знае и кои личности се поканети, кои ќе го имаат главниот збор, па дури и на кои теми ќе се разговара. На пример, во 2019 година главната тема се фокусираше на „Стабилен стратегиски поредок“ и „Што е следно за Европа“ (со брегзит на умот). По двегодишна пауза поради пандемијата, минатата година самитот се одржа во Вашингтон, а главен лик беше генералниот секретар на НАТО, придружуван од европски премиери, директорите на ЦИА и Националната агенција за безбедност на САД итн.

Темата беше „глобалното прегрупирање“ и „предизвиците на НАТО“. Оваа година вештачката интелигенција и нејзините геополитички импликации беа главната тема.
И каква врска има сега меѓу Агелер (која е ситна риба и за нејзиниот Стејт департмент, а не пак за глобалната елита на моќ) и Билдерберг? Е па, во (не)транспарентноста и коруптивноста на моќта, се разбира! И ситна риба (со заби и камшик) за овој жабурнак изгледа како некоја застрашувачка но фасцинантна фигура со необјаснива моќ, а Билдерберг… тој е недостижен за ситните локални шерифи, кои затоа се благодарни на помошта што ја примаат од Калето, која црното го прави бело, американското – европско, а корпорациското – наш национален интерес. Ѝ се може! Час (божем) се бори против корупција, час коруптивна зделка што се гледа од Марс ја прикажува како наш национален интерес за кој опозицијата немала чувство на одговорност. За значењето на западната амбасадорска каста научивме многу во изминатите три децении. Но, колку е значаен Билдерберг? Дали е тој центарот на моќта? Дали тој одлучува за живот и смрт, за демографија, болести и вакцини, за војни и профит? Веднаш ќе ви кажам дека сето тоа е циркус, секта што сака себеси да се претставува како недопирлива и семоќна. Не дека тие луѓе што разговараат и се дружат секоја година на „тајна локација“, со огромно обезбедување и без присуство на новинари не се моќни. Но нивната моќ произлегува од општествената положба, функција, мандат добиен од народ (или од бога кај кралските семејства), од групата на притисок на која ѝ припаѓаат или од богатството. Билдерберг-средбите се шашма за обичниот човек, кој треба да верува дека е немоќен, дека транспарентноста не е за обични смртници, а дека власта и моќта се веќе во нечии раце од кои не може да се одземе. Но, зарем некој мисли дека Столтенберг или Урсула го поседуваат и одлучуваат за светот? Ако е и така, ако јас грешам, тогаш видете што направија од светот и од институциите/организациите што ги водат? Некои ги нарекуваат „високите свештеници на глобализацијата“, но и глобализацијата од западен терк отиде по ѓаволите. Овие „избраните“ го претставуваат оној фамозен еден процент, наспроти нас, кои чиниме 99 проценти, можеби го претставуваат Западот наспроти мнозинството на светот, но нештата веќе драматично се менуваат.

Она што треба да го загрижи секој пристоен човек на Западот (или неговата периферија за која сонцето изгрева на запад) е што таа институционална мрежа на моќ далеку го надминува тој таинствен Билдерберг. Се сеќавам кога пред повеќе години мојот колега Жарко Пуховски предизвика скандал на една конференција на која кажа дека повеќе демократија има во ЦК на Комунистичката партија на Кина отколку во ЕУ. И не само ЕУ! Западната мрежа на моќ, изградена низ институции и организации (од ОБСЕ до НАТО), но и самити на Г7, Г20, Давос итн., почива на недемократичност, нетранспарентност и коруптивност (бидејќи моќта корумпира, а апсолутната моќ корумпира апсолутно). Кога веќе ја спомнувам Г7, видете ја онаа иронична слика во Хирошима: на местото на злосторството, наместо да покажат каење и подготвеност да спречат нова нуклеарна катастрофа, оние што го туркаат светот кон Армагедон покажуваат мускули (и го покажуваат Зеленски). Сите нивни самити се под неверојатен степен на заштита и на оддалеченост од обичните луѓе. Од кого ли се плашат?
Само наивен човек може да мисли дека вистинските одлуки се носат во институциите и дека тоа се одлуки „за народот, од народот и за народот“. Демократијата е празна флоскула, која капиталот и моќта ја користат како опиум за масите. Институциите се празни школки, а наредбодавците не се оние што се избираат на избори. Затоа, многу повознемирувачки се политичките одлуки што овие луѓе ги носат таму каде што дејствуваат јавно, а што отпорот е скршен и непостоен. Тоа што го прават јавно, или она што го обелоденија Асанж и Сноуден, кажува дека ним не им требаат самити и бајачки за да прават зло и да ја злоупотребуваат моќта за приватни цели. Затоа и велам, нештата се многу позастрашувачки од приватни средби на луѓе што глумат свештеници и толкувачи на светот – проблемот е што „билдербершкиот“ стил на работа е веќе вграден во системот, кој пак се продава како демократски и либерален. Но, за добро или за лошо, ова што го опишав и во кое ние веруваме небаре е религија е карактеристично за Западот, кој е нарцисоиден зависник од имиџот на правдољубивост и слобода, а всушност живее од експлоатација, војни и колонизација. Еве, да беа НАТО, ЕУ, банкарите, стратезите, богаташите толку моќни и навистина да ги движеа конците во оваа претстава што ја нарекуваме живот, зарем немаше да заклучите дека е тоа банда на лихвари, крвопијци, зли луѓе без емпатија за другите човечки суштества? Заклучокот ви го оставам вам.