Почеток на крајот на повеќедеценискиот спор меѓу МПЦ и СПЦ

Доколку внимателно се анализира соопштението на Светиот архијерејски собор на СПЦ, тоа е интересно од неколку аспекти. Најпрво, нашата црква се именува како Македонска православна црква-Охридска архиепископија, со што индиректно се признава дека МПЦ е наследник на Охридската архиепископија, православна црква што дејствувала на голем дел од Балканскиот Полуостров во средник век, а од друга страна јасно се потенцира делот од православниот народ, имено македонскиот, кој е препознаен како засебен национален супстрат што има своја црква со јурисдикција на своја (државна) територија

Минатата година Српската православна црква (СПЦ) ѝ додели статус на целосна независност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија по заедничката литургија во Белград. Ова се случи откако на заседание на Светиот синод на Вселенската патријаршија, предводен од вселенски патријарх Вартоломеј, се донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма со Охридската архиепископија што е возобновена во лицето на Македонската православна црква. Со други зборови, Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од охридскиот архиепископ г.г. Стефан за канонска и валидна во православниот свет, а воспоставува и канонско и литургиско општење. По овие одлуки, за решавање останаа управните прашања помеѓу СПЦ и МПЦ во согласност со светоканонскиот чин и црковното предание. Во овој контекст, Светиот архијерејски собор на Српската православна црква, кој деновиве заседаваше во храмот „Св. Сава“ во Белград, донесе одлуки во однос на МПЦ.
По завршувањето на работата на Светиот архијерејски собор, СПЦ излезе со свое соопштение, во кое беше посочено дека, помеѓу другото, особено внимание ѝ е посветено на темата на конечното решавање на канонскиот статус на архијереите на Православната охридска архиепископија (ПОА), во светлина на минатогодишната одлука на Светиот архијерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство, и последователната одлука за доделување томос за автокефалија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Во соопштението исто така се наведува дека Светиот архијерејски собор на СПЦ донел одлука и за доделување канонски отпуст на јерархијата на оваа автономна црква и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со свештените канони и уставите на нашите две помесни цркви, како и со претходно постигнатиот договор на синодите на сите три црковни структури.
Доколку внимателно се анализира соопштението на Светиот архијерејски собор на СПЦ, тоа е интересно од два аспекта. Најпрво, нашата црква се именува како Македонска православна црква-Охридска архиепископија, со што индиректно се признава дека МПЦ е наследник на Охридската архиепископија, православна црква што дејствувала на голем дел од Балканскиот Полуостров во средник век. Во историската наука постојат неколку теории за настанокот на Охридската архиепископија, а една од нив вели дека Охридската архиепископија е идентична на архиепископијата Јустинијана Прима, која била основана од Јустинијан Први во 535 година, во неговото родно место. Црковната традиција ја поврзува оваа архиепископија со Охридската архиепископија, не случајно охридските архиепископи од 12 до 14 век ја носеле титулата архиепископи на Јустинијана Прима.

Врз основа на оваа традиција, во 19 век започнува процесот за возобновување на Охридската архиепископија, што било составен дел од македонската преродба.
Вториот значаен дел од соопштението на Светиот архијерејски собор на СПЦ е одлуката за канонскиот статус на архијереите на Православната охридска архиепископија (ПОА), односно за канонски отпуст на оваа автономна црква и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква. Со оваа одлука дополнително се отвора патот за конечно решавање на статусот на МПЦ во православниот свет. Истовремено прашањето за Православната охридска архиепископија (ПОА), која предизвикуваше недоразбирања помеѓу МПЦ и СПЦ, конечно се решава, со што се става дефинитивен крај на повеќедеценискиот спор меѓу двете цркви.
Од друга страна, Светиот архијерејски собор на СПЦ индиректно го потврди и искажувањето на владиката Тимотеј, кој по заседанието на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА информира дека не се дискутирало за менување на името, нагласувајќи дека останува името Македонска православна црква-Охридска архиепископија.
Во таа пригода владиката Тимотеј истакна: „Нема што да се разговара за административно име. Името е Македонска православна црква-Охридска архиепископија, тоа останува“.