Свет окупиран од изопачени

Мисијата на Асанж го охрабри Едвард Сноуден. Тој се надоврза. Го доразголе злото. Многумина ќе речат, баш му е гајле на злото, си тера по свое, ништо не се променило. И тоа како се променило

Почитувани сограѓани и претставници на медиумите… каде е син ми Костадин, Костадииииин… во денешнава колумна ќе ви соопштам… каде е син ми Костадин, Костадииииин… и ќе ви обелоденам голем скандал околу лустерите… каде е син ми Костадин, Костадииииин… не, околу плафонерките, кои без никаква логика… каде е син ми Костадин, Костадииииин… режимот ги поставил на под… каде е син ми Костадин, Костадииииин… што сакал режимот да испровоцира поставувајќи плафонерки на под само замислете си… каде е син ми Костадин, Костадииииин…
Ало, вмроовци, вие нормални сте? Што ми рокате разглас среде колумна?
Па, сакаме да ти ја нарушиме концентрацијата.
Мене да ми ја нарушувате? Што сум ви јас, залижан портпарол изгубен во простор и време?

Види дечко, малку си нејасен, како матен, ај така да се изразиме, немаш изградено дефинитивен став околу избориве.
Е ај ако не да тркнам до Брисел да се консултирам за став со Хан, а?
Е сега, не биди така циничен, па… Земјо македонска, уважавам теее… ние само сакаме да ти посочиме… земјо македонска, земјо ЕУ/НАТО ропска Македонијо… добро бре што ти е сега ова со песнава?
А што си мислевте, јас немам разглас?
Ако ве збуни воведов во колумнава и ништо не ви е јасно, погледајте ги забеганите прес-конференции на оној залижан портпарол пред
зградата на ВМРО-ДПМНЕ. Ако и потоа ништо не ви е јасно, кажете си дека ова се матни времиња. И онака повеќето не сакаат да го чујат разгласот на сопствената совест што вреска дека сме народ што мртов ладен прифати да изгуби идентитет, јазик, историја и култура. Очигледно тоа ни е само товар.

Уф, мори мајко, арената „Филип Втори“ стана „Тоше Проески“. На кого ли му текна само ова? Па јас со денови да мислам, не можам нешто вакво да смислам. Давајте го ваму тој чудесен сдсмовски ум. Ќути, ми вели потсвеста, можеше Мајка Тереза да предложат. Ненормална работа. Јас сепак мислам дека требаше арена „Џес Бејли“ да ја наречат. Режимот ја градеше, а Бејли дојде и нè ослободи. И од режим, и од идентитет. Во време на тој режим се градеа глупости. Стадиони, спортски сали, музеи, театри. Тотално демоде. Модерно е да разградуваш. Како што разградува светската моќ. Го разградија Авганистан, па Ирак, па Либија. Сосема ќе ја разградеа и Сирија, ама тука оној непрокопсаник Путин им ги помати работите. Сега таа одново ќе се гради. Ама затоа во Македонија никој не им се вмеша. Комплетно ја разградија. Од идентитет до историја. Преку култура и традиција. Ќе се разградуваат и учебници, литература, химна. Па, така, бидејќи од Бејли почна македонскиот крај, тој ги постави нашиве политички кукли на сцената на апсурдот, логично е арената да го носи неговото име.

Кога сме кај разградувањето и менувањето, конечно се сетив на што ми личи владеењево на СДСМ. На диктатурата на Метаксас. Тогаш мораше да се избрише сè што е македонско. И денес е исто. Тогаш насила се менуваа имињата на луѓето, топонимите каде што живеат. Денес не ни ги менуваат личните имиња, ама некаквиси партиско подобни амеби наречени историчари, прават политички коректна историја. Што значи тоа? Дека ќе ни биде одземено правото да имаме своја историја. Ќе ни ја кројат по грчки и бугарски терк. И не само тоа. Под Метаксас имаше прогони, терор, убиства на Македонци. Зарем е денес различно? Имаме и политички прогон и полициски терор. Значи скоро сè личи на диктатурата на Метаксас. Само што оваа е од домашно производство. Во режија на светската изопачена моќ.

Штом стигнавме до изопачените, тука е главната вест. Го уапсија Џулијан Асанж. Еквадор му го укина азилот. Мислам дека Асанж погреши во почетокот. Не требаше да избере банана-држава. Кога-тогаш јасно беше дека ќе попуштат под притисокот. Едвард Сноуден постапи далеку порационално. Но, сега е готово. Британците ќе им го испорачаат Асанж на Швеѓаните. Овие веднаш ќе им го предадат на Американците. Или едноставно ќе ја прескокнат Шведска. Ќе му го направат остатокот од животот пекол. Не се сомневам во тоа. Изопачената моќ не знае поинаку. Особено спрема оние што им се спротивставиле. Ќе му приредат гвантанамо-садизам. Потоа ќе го осудат на доживотен затвор. Или на смрт. Но, тоа веќе не е ни важно. Што и да му сторат, не можат да го убијат.

Џулијан Асанж веќе е легенда. Жива легенда. Херој. Она што за човештвото беа Џордано Бруно, Вилијам Волис, Мартин Лутер Кинг. Сеедно што првиот го запалија, вториот ѕверски го измачуваа, па го убија, третиот го ликвидираа. Нивното дело живее по нив. И го менува светот. Тоа се такви луѓе. Се раѓаат еднаш во сто години. Асанж е најважната личност на 21 век. Тој ѝ го отвори патот на вистината. А таа, вистината гласи: сè што ви презентираат мејнстрим-политичарите и нивните медиуми е лага и манипулација. Тие се злото. „Викиликс“ го изнесе сето тоа вмрежено зло на виделина. Светот е окупиран од психопати. Мисијата на Асанж го охрабри Едвард Сноуден. Тој се надоврза. Го доразголе злото. Многумина ќе речат, баш му е гајле на злото, си тера по свое, ништо не се променило. И тоа како се променило. Големите луѓе речиси никогаш не се разбрани од ситни души и слаби карактери. А злото таквите ги владее. Секако, тие се мнозинство, но светот поединци го менуваат. Од историјата учиме. Нерон и Калигула, на пример, биле убедени дека ќе бидат запаметени како богови. Така им изгледала реалноста исполнета со поданици, шпиони и престрашен народ. Но денес сите знаеме дека нивната империја се распаднала, а тие двајца биле психопати. Ете ви ги Буш и Обама. Владетели на моќна империја. Психопати што го масакрираа Блискиот Исток. Убија милион цивили. Како го знаеме ова? Затоа што протече вистината. Поради луѓе како Асанж и Сноуден. Сеедно што сега изопачените ликуваат. Сеедно што цијашко соросоидните медиуми и нивните новинари-печурки мислат го замолчеле непријателот. Хероите раѓаат нови херои. Мачениците за вистината секогаш биле пример за идни генерации индивидуалци, кои се подготвени да му се спротивстават на злото.