Не сум дома!

Е па, доста беше доминантно она правење на Тошо „не сум одовде“! Сега е време за „не сум дома“ – бидејќи домава ми ја сторија некако ем туѓа, ем ја престорија во пасиште за терање стока. Од друга страна, пак, ако подобро размислам – зошто некому би му ја препуштала светоста на мојот дом, каков-таков, скромен, со шимшир порта – ама и безбеден од ковид-19 и од наезда на платени (и невакцинирани) ликови што би да ми ја мерат домата? Никогаш не сум сакала да ме сместуваат во племиња или стада. Мојата „де-ен-ка“ е моја работа, моите крвни зрнца немаат никакво значење за државата – па дури и ако е „рамковно“ дефинирана.
Иронијата е дека токму за ваквите операции, коишто доведуваат и доведоа до крвави конфликти, омраза и поделби, денес нè убедуваат дека се за наше добро. Насилно ни го сменија името на државата, насилно нè сведоа на племенска заедница (на етничко трло), сега ќе нè жигосуваат со лични карти во кои, наспроти меѓународните норми, ќе бараат пред нејзиното височество Државата и нејзините претставници да се легитимираме не како личности, туку како припадници на етнички заедници. Тоа го нема ни во најзаостанатите ни во најавторитарните земји, но во Македонија е предмет на меѓуетнички внатрекоалициски договор на поглаварите. ЕУ одеднаш молчи, нема што да додаде, иако во Брисел добро знаат дека ова е спротивно на здравиот разум, а не пак на европските конвенции и вредности. Но сега и ќе нè попишувале.

Во прогласена кризна состојба, во екот на пандемијата, кога онаа иста Европа нè стави на црна листа како да сме лепрозни, нашите (не)вакцинирани попишувачи треба да ги пуштаме во домовите – или, евентуално, да сме се довикувале преку порта за да нè слушне цел комшилак што имаме, од што боледуваме итн. Тоа е едната страна на парадоксот: тие неподготвени и нецелосно вакцинирани, нам ни ограничуваат движење во зависност од тоа дали имаме „сертификат“ или не. Но под принуда и постојани закани требало да ги отвориме портите на домовите. Во повеќе земји, пописот среде пандемија стана чисто електронска операција, но овде не веруваме ни на ДИК кога објавува резултати од избори (па му паѓа серверот), а не пак на попишувачи (кои едвај и ги присобраа).
Да беше ова разумна или барем разбрана власт, ќе ставеше прст на чело и ќе се запрашаше зошто голем дел од населението не сака да биде попишан. Од каде потребата од закани и користење репресија?! Ова е особено индикативно затоа што дури и оние што знаат дека власта нема ниту да ги прекрстува ниту да им менува личен опис, ете нема да им тура цртички туку ќе им дозволи „гордо“ да кажат дека се она на М, сепак не сакаат да учествуваат во тоа што го сметаат за фингирана и однапред договорена операција. Има ли поголема делегитимизација на власта од тоа нејзините граѓани да не сакаат да се попишат, дури и ако етничкото е над административното!?
Апсурдот е дека оние коишто го обвинуваа Груевски, сега „грлом у јагоде“ се фрлаат во операција што нема ама баш никаква врска со статистика, со развојни политики, со грижа за населението – туку исклучиво со етничката карта на земјата. Инволвирањето на дијаспората бледнее пред отвореното мешање во внатрешните работи од лидери на соседни земји што повикуваат на масовно попишување и триумфалистички најавуваат одлични резултати. Сето ова го говоревме и објаснувавме, но власта е глува и слепа за сè што доаѓа од експертската заедница и од мислечките луѓе. Токму затоа и не знам зошто воопшто ја пишувам оваа колумна во време кога веројатно на врата ќе ми тропнат попишувачи, а јас подготвувам црно и ароматично сиктер-кафе (шербет-кафе е и нездраво и недозволено).

Искрено, згорчено од тоа да ме прават будала, да ме сметаат за бројка, за овца или предмет, за нешто што мора да припаѓа некаде – а како човек ги немам ни елементарните права, особено она на пристојно здравство. Со мене и без мене (и без моите деца и нивните семејства таму во туѓина), капата ни е скроена од луѓе што немаат ни морална вертикала ни ум за да воведат развојни политики, од луѓе што не можат да организираат ни достоинствено средување на документите на скоро починатите (имам случај на блиски што минуваат низ административна агонија, покрај загубата на саканата мајка).
Нека си тераат по свое. Тоа што сум Македонка е најмалку важно во контекст на попис, бидејќи меѓународно, па и во внатрешниот правен систем, деградацијата е таква што е неподнослива. Со подзаконски акт некому му е дадено право на вето, да реши дали му одговараат резултатите. Не, не, колку сме, толку сме – додека сме, бидејќи изумираме полека. Сосема ми е сеедно колку Македонци и Македонки ќе има на пописот. Еве, нека бидат 65 отсто Албанци ако им е толку меракот, ама и нека ја преземат одговорноста за водењето на државата, наместо да се кријат како кинг-мејкери во заднината на поданичката македонска елита. Нека застанат и нека носат ОДГОВОРНОСТ! Да се знае кој е главен во балканскава крчма.
А според информациите од германската амбасада, додека да го завршат фингерајот со пописот веќе ќе бидеме помалку за неколку илјади млади луѓе, кои веќе се пакуваат да заминат. Ќе бидеме помалку и поради високата смртност, и тоа не само оваа што се јавува на ковид-разгласот туку и од сите други болести што се фрлени во сенка. Нам не ни треба попис за да ги видиме пустошот околу нас и пустошот во главите на неодговорните политичари чија главна цел е седење во скапи кабинети, заработување на нечесен начин и политика на штедење кога станува збор за социјалните потреби на граѓаните. Од друга страна, и ние како да сме се предале: дали нè потстрижуваат или пребројуваат е сеедно, мнозинството си молчи и трае.

Изминатите денови минав низ неколку прекрасни места во охридскиот крај со учесниците на меѓународната научна конференција што ја организираше мојот институт на Филозофскиот факултет, главно странци. Речиси немаше место во кое некој непознат немаше да ми пријде или некој да ми даде некој мал симболичен подарок, да ми ја стисне раката и со многу надеж во очите да ми рече: Ама, професорке, нели ќе опстоиме?! Нели на секое зло му доаѓа крајот? И ова ќе помине, нели?
И вие, владетели и макијавелисти што повеќе се грижите за приватизацијата и за марихуаната, сакате да го попишувате овој народ, кој веќе ве прочитал? Па, тој не ви верува ни добар ден кога му велите! Тој не сака во вашите црни (и нечесни) тефтери ни за Македонец да се пише, бидејќи знае дека со вас секако црно му е пишано, без оглед што Македонија му лежи на срцето.
Тукушто разбрав дека турскиот израз siktir-kahvesi (ние го викаме сиктер-кафе) всушност има постари корени, од изворниот персиски siktir, што буквално значи: бегај, остави ме на мир – да не употребам потежок израз, ќе застанам овде.