Еколошко описменување од предучилишна возраст до третата доба

Добро е тоа што сѐ повеќе се забележуваат мали дечиња како трчаат со пластичното шише во рака да го фрлат во канта за ѓубре, но лошо е тоа што веднаш до нив има глетка како возрасна жена фрла влажно марамче на земја, додека нејзиниот домашен миленик врши нужда, чиј измет го остава во детски парк. Лошо е тоа што нашите постапки се копираат од страна на децата. Неодамна јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје започна активности за расчистување четири диви депонии во скопската општина Бутел

Толку ли е тешко да се научи основната култура на однесување?

Депониите не се никаков новитет во нашиот град и тоа е факт. Можеби е и досадно постојано да се зборува и пишува за тоа, но, според старата народна поговорка „повторувањето е мајка на знаењето“, би требало несовесните да научат каде се фрлаат ѓубрето и кабастиот отпад.
Во многу наврати досега пишувавме на оваа тема, а последен во низата е текстот посветен на гробиштата „Камник“, каде што беа регистрирани диви депонии сочинети од кабаст отпад и разно друго ѓубре од домаќинствата.
За жал, ова е најновата локација за исфрлање отпад на оние што не сакаат да го отстранат соодветно или, пак, да си платат за подигање на таквиот отпад во ресорните јавни претпријатија. За жал, локацијата каде што ги испраќаме нашите најмили во вечно почивалиште во последно време се користи како место за фрлање кабаст, градежен и друг отпад. За ова граѓаните реагираа преку социјалните мрежи, од каде што апелираа до надлежните да го соберат ѓубрето, но и да ги санкционираат прекршителите на Законот за јавна чистота.
Овие градски гробишта не се единствените каде што се фрла разно ѓубре. Тука се и најпосетените, градските гробишта „Бутел“, каде што проблемот е долгогодишен и никако не може да се реши.

Неодамна јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје започна активности за расчистување четири диви депонии во скопската општина Бутел. Депониите, составени од мешан комунален, кабаст и градежен отпад, се лоцирани на улицата Бетовенова, како и на улиците Александар Урдаревски и Лазо Трпевски, во непосредна близина на гробиштата.
Акцијата беше реализирана во соработка со Општина Бутел, а надлежните од комуналното претпријатие прогнозираат дека ќе се подигнат приближно 300 кубни метри несовесно одложен отпад од јавните површини.
Можеби најголемиот број апели за соодветно фрлање на отпадот доаѓаат токму од ова јавно претпријатие, од каде што постојано апелираат соодветно да се фрла отпадот, за да се заштити животната средина, но и јавното здравје.
Според податоците од претпријатието, во првите шест месеци од оваа година, екипите на комуналното претпријатие отстраниле дури седум илјади кубни метри отпад од диви депонии во Скопје.
Жално е тоа што оние што не го прават отпадот најмногу страдаат од него. Оној што не фрла, мора секојдневно да поминува покрај депониите, мора да ја дише реата од него, мора да гази преку фрленото ѓубре.
Да се почне со обратна психологија е залудно. Да апелираме повеќе да не се собира ѓубрето за да се свестат несовесните, ќе биде залудно. Тие што фрлаат и загадуваат ќе продолжат да го прават истото тоа без грам совест.

Така ќе биде сѐ додека не се искоренат тие луѓе со природниот животен процес, а иднината зависи токму од нас и нашите деца. Како ние ќе ги воспитаме и како ќе ги научиме, така ќе се однесуваат тие во иднина.
Ако отсега ги научиме дека местото на ѓубрето му е во контејнерите, дека постои можност отпадоците да се рециклираат и соодветно да се складираат, можеби за земјата, воздухот и водите ќе има спас.
Добро е тоа што забележувам мали дечиња како трчаат со пластичното шише во рака да го фрлат во канта за ѓубре, но лошо е тоа што веднаш до нив гледам возрасна жена како фрла влажно марамче на земја, додека нејзиниот домашен миленик врши нужда, чиј измет го остава во детски парк.
Лошо е тоа што нашите постапки се копираат од страна на децата. Тие сакаат да повторуваат, а како што напишав погоре, повторувањето е мајка на знаењето, па што ќе гледаат децата, тоа и ќе прават.
Затоа, следниот пат добро размислете какви се вашите постапки и какво влијание тие ќе имаат врз децата што ве гледаат или, пак, врз вашите деца и внуци. Дома сигурно не ги учите ѓубрето да го фрлат на земја каде што ќе посакаат, нели?
Зошто тогаш не сфатите дека надвор исто така е вашиот дом, вашиот двор каде што вие излегувате да прошетате, каде што го изнесувате вашето дете или внуче да трча и да игра, каде што треба да дишете чист воздух или да наберете цвеќе што ќе го ставите во вашиот дом во вазна?
Толку ли е тешко да се научи основната култура на однесување?

[email protected]