Фото: Талат Џафери / Фејсбук

Позицијата на Бугарија е за прием на Македонија во ЕУ без алтернатива, кажа претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Росен Желјасков во изјава за медиумите по средбата со претседателот на Парламентот Талат Џафери.

-Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ. За нас е исклучително важно Република Северна Македонија и Албанија заеднички да се движат по тој пат – рече Желјасков.

Тој ги поздрави и им се заблагодари на македонските пратеници за, како што кажа, јасно изразената позиција поврзана со членство на Македонија во ЕУ и „консолидирањето на јасно мнозинство за уставните промени“.

-Јасно е дека има мнозинство но тоа е недоволно во моментот, но како што споделив една мисла дека државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. За нас е важно дека позицијата на Бугарија е за прием без алтернатива на Република Северна Македонија во ЕУ. Во таа смисла минатата година бугарскиот Парламент усвои декларација со која го усвои Францускиот предлог, некои тоа го нарекоа дека е постигнат историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис, тој компромис е во името на нашите народи и во таа смисла бугарската позиција не е поразлична од ставот којшто се споделува од мнозинството во македонскиот Парламент – истакна Желјасков.

Тој информираше дека со Џафери разговарале и за имплементацијата на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година и изрази надеж дека на следната средба ќе бидат одбележани уставните измени и почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

-Истакнавме дека довербата што треба да ја градиме треба да се спротивставува на говорот на омраза, а гаранција за тоа е ефикасното почитување на правата на бугарската заедница, а уставните измени се дел од тој пат. За нас е важно да се знае дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, при што се обраќам со молба и апел до медиумите да заборавиме на одредени наративи, затоа што на Балканот многу лесно се распламтува искрата на напнатоста, но ние на нашите народи им должиме заедничка европска иднина и мирно егзистирање во овој свет полн со тензии. Затоа и нашата посета денеска е израз на нашите најдобри намери, на нашето пријателство, затоа што нашата иднина е нашиот ангажман кон идните генерации – истакна Желјасков.

Му се заблагодари и на претседателот Џафери за, како што рече, „неговиот мудар и принципиелен став, и им посакувам на сите политичари во Македонија да го следат тој пример“.

-Изборите доаѓаат и поминуваат, но интересите на луѓето остануваат непроменети, а тоа се интересите во мир и во благосостојба да ги раснат своите деца, своите внуци и тоа е нашата порака и кон нас и кон нашите македонски колеги. Ако ја имаме добар политички еко систем благосостојбата ќе се зголемува, а гаранција за тоа е постојаната трговска размена која надминува една милијарда евра, и исто така ќе ја постигнеме посакуваната поврзаност што е дел од подобрената дигиталната комуникациска Европа – рече Желјасков.