Фото: МИА

Комисијата за заразни болести одржа седница на која беше разгледана состојбата со појавата на кластер на хантавирус – андес варијанта на глобално ниво. По анализата, беше оценето дека ризикот од појава и ширење на вирусот во земјата е низок, пренесе МИА.

Од Министерството за здравство соопштија дека здравствениот систем е подготвен за евентуално справување со случаи на инфекцијата, доколку се појават.

Институтот за јавно здравје располага со лабораториски реагенси за детекција на хантавирусот, како и со стандардизирани оперативни процедури за негова дијагностика.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, како што се наведува, постојат капацитети за третман на евентуални пациенти, вклучително и можности за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.

Комисијата појаснува дека андес варијантата, за разлика од останатите типови на хантавирус, може да се пренесува од човек на човек при подолг и близок контакт, но нагласува дека преносот не е брз и лесен како кај респираторни вируси како коронавирусот.