Според професорката Биљана Консулоска Гвероска се зајакнува вербата на земјоделците во агроеколошката заштита
Регистрирани се бројни биофунгициди за сузбивање на одредни патогени кои се добра замена за хемиските пестициди и се вклучени во програмите за заштита на одделни култури. Следејќи го европското законодавство околу регистрацијата на овие препарати, листата се повеќе се проширува и во Македонија, вели Гверовска
На 22 април од 18 часот, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе се одржи промоција на научната книга „Агроеколошки принципи и можности за заштита на растенијата од болести“ од проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска. Промотори се: д-р Гордана Мицеска и проф. д-р Емилија Арсов, а модератор ќе биде авторот на ова интервју Филип Димкоски, агроном и поет.
Непосредно пред јавното претставуавње на книгата поразговаравме со авторката, Биљана Консулоска Гвероска, научен советник и редовен професор во Начниот институт за тутун во Прилеп, при УКЛО. Нејзината научноистражувачка работа, која започнала пред 30 години е посветена на фитопатологијата и болестите на растенијата, со специјалност на тутунот. Научноистражувачкиот опус до сега е заокружен со 140 научни трудови, во најголем број објавени во референтни научни публикации, индексирани во познатите светски бази на податоци. Коавтор е на библиогафија на НИТ-Прилеп и едно учебно помагало. Исто така, на брошура (на македонски и англиски јазик) која ја презентира нејзината десетгодишна научноистражувачка работа на најсовремената мерка за заштита на растенијата – биолошката борба, и истовремено претставува нејзин вовед во современото земјоделството на Македонија.
Во целокупниот научно-стручен ангажман, нејзиниот интерес е живеењето и творењето во здрава животна средина. Со современи мерки да се постигнат резултати во обезбедување здрави растенија, здрави животни намирници, но истовремено – здрава и чиста животна средуна. Тоа претставува концептот на оваа книга.
„Агроеколошки принципи и можности за заштита на растенијата од болести“ е насловот на вашата нова книга. Што опфаќа таа и колку време беше потребно да се создаде ова дело?
– Во основата на насловот е здравје на растенијата врз еколошки основи. Во потрагата за здрави растенија и одржливо земјоделство, појдовна точка претставува разбирањето на природата на агроекосистемите и принципите со кои функционираат. Токму насловот не воведува во изобилството факти и можности за нивна примена. Книгата нуди идентификација на неограничените потенцијали на агроекоситемите за обезбедување здравје на земјоделските култури. Истовремено, дефинирање на поими, разрешување на дилеми, презентација на можностите на примена на агроеколошкиот концепт на заштита.
Всушност, оваа книга докажува дека науката придонесува за побезбедно земјоделие, зарем не?
– Таа настана спонтано. Во текот на мојот професионален и научен развој, нормално, следев литература од областа на заштитата на растенијата. Тоа секако во голема мера ја опфаќа фитофармацијата, поточно активните материи, првенствено на фунгицидите. Но, интересот за примена на безбедни, еколошки методи за заштита на растенијата, е моја цел, поврзана со мојата основна вокација (биолог – биохемичар), но и желбата за здрава животна средина, што всушност претставува и наш долг кон идните генерации.
Тоа започна интензивно со примена на биолошката борба. Со гордост можам да кажам дека сум основопложник на примената на биоконтрoлните агенси од родот Trichoderma, особено во тутунот, со развој на апликативни модели. Но, мојот интерес за примена на безбедни, еколошки методи за заштита секако, се развиваше паралелно со светските достигнувања од таа област. Моето членство во меѓународни организации (чија насока е субституција на штетните а.м. со побезбедни) уште повеќе потврди дека мојата работа е во склад со совремната заштита на растенијата. Дека тоа е иднината. И, дека мојата научна мисла се разива на правиот пат на заштита на растенијата.
Кога литература (која е скоро 100 отсто од странски автори и мои научни трудови и истражувања) која ја следев, користев, обработував, стана „огромна“, се појави желбата таа да биде систематизирана од моја страна и на таков начин презентирана пред научната и стучната јавност во нашата земја.
Како и кога се јавила потребата со толку отровни средства да се заштитуваат растенијата чии плодови ги јадеме?
– Примената на пестицидите за сузбивање на растителните патогени овозможува брзо и ефикасно делување. Затоа, долго време од развојот на земјоделското производство хемиската заштита се сметала за единствено решение. Земјоделското производство при нивна примена забележало значаен подем во поглед на приносот. Тоа е основниот момент кој влијаел за нивната неконтролирана примена. Оттогаш, сè повеќе се зголемувал бројот на применувани активни материи, не водејќи сметка за нивното штетно дејство врз различните еколошки проблеми во животната средина: контаминација на почвата и површинските и подземните води, штетни влијанија врз нецелните организми, загадување на сите сфери на животната средина. Да не зборуваме пак за штетните ефекти врз здравјето на човекот.
Всушност, она што довело до значителна промена на човечката свест за намалување на употребата на пестицидите во земјоделството е согледувањето на нивното штетно влијание врз загадувањето на животната средина. А, секако, најзначајна е свесноста дека употребата на хемиските средства во заштитата на растенијата, особено прекумерната, предизвикува негативни ефекти по здравјето на луѓето.
Што значи и што опфаќа агроеколошкиот принцип на заштита на растенијата?
-Терминот агроеколошки принцип на заштита на растенијата претставува современ принцип на заштита на растенијата. Тој е „интегриран и еколошки“. Иако општите принципи изгледаат слични на органската заштита (каде основна цел е да се отфрлат синтетички пестициди), овој метод се фокусира на различни фактори од природно потекло (било од растителен организам, микроорганизам или друго), кои имаат корисно дејство врз постигнувањето на растителната одбрана од штетните агенси. Целта е да се користат природни ресурси и механизми за одбрана, но исто така, зајакнувањето на одбранбените механизми на растението е еден од приоритетите на овој принцип на растителна заштита. Или, здравје на растенијата врз еколошки основи; борба против штетните агени со природни ресурси кои потекнуваат од самиот агроекосистем.
Агроеколошкиот принцип на заштита на растенијата претставува основа на т.н. одржливо управување со болестите на растенијата. Тоа вклучува мултидимензионален пристап при менаџирањето со болестите: екологија со целосно разбирање на епидемиологијата на болеста, но и економија, социологија – за да се овозможи оптимално функционирање на здрави агроекосистеми, со минимална појава или без болести, здрави и напредни растенија. Примената на природни ресурси би овозможила безбедна и еколошка заштита на растенијата од болести, квалитетно производство и здрава и чиста животна средина. Но, агроеколошкиот концепт во во поширока смисла значи и социјално праведни и економски исплатливи практики.
Кои еколошки методи за заштита на растенијата се прифатливи и им ги препорачувате на македонските производители на храна?
– Во книгата се презентирани сите еколошки мерки и наведени се безброј биоконтртолни агенси (организми) и супстанции, како и начинот на делување. Голем дел се искористени за создавање на комерцијални биопрепарати. Тоа значи дека веќе се достапни до производителот. Но сепак е потребен правилен избор – од активната материја до начинот на нивната примена.
– Првенствено би ја истакнала примената на биоконтролни агенси (со докажана улога во биолошката борба). Голем дел од нив се наведени во книгата, а за Trichoderma веќе постојат и апликативни модели.
-Исто така, би ја истакнала примената на одредени видови микроорганизми со внесување во нивната природна средина (почвата) и овозможување на нивниот развој и намножување, а со тоа и активирање на сите биоконтролни мехнаизми. Првенствено, тоа се пробиотиците, но и други микроорганизми со специфични процеси на делување. Тоа би претставувало еден вид вакцина за почвата но и предизвикување на двојно дејство – за почвата и растенијата.
-Ризосферните микроорганизми имаат основна улога на промотори на растот на растенијата. Но тие истовремено претставуваат “штит” за растението од нападот на патогените, па внесувањето на ризосферните микроорганизми во насока на заштита на растенијата е добар избор на агроеколошка заштита.
-Исто така, би ги истакнала сите супстанции кои влијаат врз индукција на отпорноста кај растенијата. Тие се многубројни, од различно потекло и различна природа. Голем број претставуваат активна материја на бројни биопрепарати. Всушност, индукција на отпорноста е материја на која работи современата наука за заштита на растенијата.
Kакви насоки би им дале на македонските земјоделци во однос на користење на агроеколошката заштита и кои се бенефитите од нејзината целосна примена?
-Секој производител произведува земјоделски производи кои најпрвин ги консумираат неговите деца, семејството. Неговата желба секако е тие производи да бидат квалитетни и без штетни хемикалии. Од друга страна, наш долг кон заедницата е да се грижиме за нашата животна средина. Да ја зачуваме чиста, здрава за идните поколенија. Па токму во нашето опкружување постојат толку растенија; во почвата живеат микроорганизми кои нудат разни механизми за одбрана на растенијата од нападот на патогените; постојат такви материи кои секојдневно ги употребуваме а не сме знаеле дека може и да ги искористиме за да ги заштитиме растенијата. Ова е уште една придобивка од земјата која ја обработуваме, од средината во која живееме. Науката се погрижила нив да ги детреминира, но и да ги понуди на производителот. Така, постојат разни комерцијални биопрепарати кои се достапни и лесни за примена. Значи, примената на ваквите безбедни препарати секогаш се добар избор за горенаведените цели. Согледувањето на значењето и улогата на агроеколошките можности за заштита е сè поголемо и се забележува голема вклученост во програмите за заштита на бројни култури. Тоа претставува голем мотивирачки момент. Но, производителот треба да се припреми за прифаќање на ваквиот начин на заштита на културата.
Пред сè, потребно е дефинирање на целта. Поточно, да знае дека ефектите од еколошката заштита не се така брзи како при хемиската заштита. Затоа, било кој од методите на агроеколошка заштита потребна треба да биде применет како превентива а не за лекување. Дел од микроорганизмите (преку препарати) можат да бидат искористени и како вакцина. Дури и при појава на болеста не треба да се обесхрабруваат бидејќи некои од агенсите се компатибилни со примената на хемиските препарати. Исклучително поволна предност на пр. за биофунгицидите е тоа што не се создава резистентност и максималниот дозволен број на третмани не е ограничен.
Работата со „природни материи“ е апсолутно безбедна по здравјето на човекот. Примената на агроеколошки мерки за заштита овозможува долготрајна заштита од болести и има повеќекратно стимулативно дејство како за на растенијата, почвата но и за животната средина.
Кои се Вашите сознанија во однос на досегашната примена на агроеколошката заштита во македонското земјоделство?
-Иако агроеколошкиот концепт бил застапен уште пред детерминирањето на неговото значење, сепак, неговото повторно прифаќање и имплементација не се лесни. Особено што развојот на истиот оди паралелно со сеуште интензивниот развој на пестицидите од хемиска природа, и секако, заостанува пред брзите ефекти на хемијата. Но, како што грижата за човековото здравје се зголемувала паралелно со зголемената примена на пестицидите, така и примената на агроеколошката заштита се зголемува со грижата за животната средина. На крај, светлата страна на примена на овој концепт е сè поголемото согледување на нивното значење и улога, сè поголемата вклученост во асортиманот на производи на голем број претставници на големите светски производители и нивни претставници. Регистрирани се бројни биофунгициди за сузбивање на одредни патогени кои се добра замена за хемиските пестициди и се вклучени во програмите за заштита на одделни култури. Следејќи го европското законодавство околу регистрацијата на овие препарати, листата се повеќе се проширува и во Македонија. Исто така, сé поголем е бројот на активни супстанции, микроорганизми, биоконтролни агенси како активни материи на бројните биопрепарати. Се зголемуваат сознанијата, се зајакнува довербата од страна на земјоделците.
Што планирате во иднина во врска со промоцијата на агроеколошката заштита?
-Како научник, би продолжила со истражување, но и имплементација на веќе утврдените научни резултати во интерес на праксата. Односно, верификација на резултатите во директното производство. Би настојувала овие принципи да бидат се повеќе прифатени од сите чинители на земјоделството во нашата земја. Да бидат промовирани, ширени. Да се охрабри нивната примена, да се зајакне довербата во природните ресурси. За тоа, како што наведувам во последното поглавје, ќе се залагам за зголемување на едукацијата на производителите за придобивките од природните ресурси и примена на биопрепаратите. Најдобра промоција секако, е директна комуникација со производителите и помошта околу правилниот избор на наведените методи и можности на агроеколошка заштита.