Фото: Игор Бансколиев

Тројцата раскажуваат дека не може со зборови да се опише неизмерната среќа на детските лица кога омилените суперхерои доаѓаат за да им дадат новогодишен подарок

Арѓенд Чиљафи маскиран во Дедо Мраз, Кристина Георгиевска како Суперменка и Саша Цветковски со маска на Бетмен се дел од тимот за спасување на планина при Црвениот крст,
кои со јажиња се спуштија на терасите на Универзитетска клиника за детски болести во Скопје и со новогодишни пакетчиња ги израдуваа децата кои таму се хоспитализирани.

Тројцата раскажуваат дека не може со зборови да се опише неизмерната среќа на детските лица кога омилените суперхерои доаѓаат за да им дадат новогодишен подарок.

Костимите на Дедо Мраз и на супер хероите од анимираните стрипови ги позајмуваат од детска игротека. Акцијата е традиционална и годинава се одржа по четврти пат.

Арѓенд Чиљафи е стручен соработник за подготвеност и дејстување при катастрофи во Црвениот крст на град Скопје. Вели дека чуството да се украде насмевка од децата е бесценето.

Фото: Приватна архива

– Треба да се биде дел од настанот и да се доживее. Во моментот некои деца ја водат можеби најважната битка во животот. Им посакуваме брзо оздравување. Тие се наши херои!-додава тој.

На сите им порачува да бидат дел од хуманитарни акции.
– Битете и вие нечиј херој. Хероите не секогаш носат маски, тие се меѓу сите нас-заклучува тој.

Чиљафи вели дека сите волонтери се искусни и располагаат со материјално технички средства и вештина за спроведување на една ваква вежба.

Саша Цветковски е професор по спорт во средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје, а во Црвениот крст членува уште од 2013 година.

Фото: Приватна архива

Вели дека постојат многу обуки за унапредување на волонтерите, а една од тие е и обука за спасување на планина со која полазниците т.е. волонтерите на Црвен крст се стекнуват со основите за ракување со алпинистицка обука.

Во случајот ваквата акција ја спроведуваат заради децата на Детска клиника.
– Многу сме чувствителни при ова акција, децата многу се радуваат, а нивната насмевка и среќните очиња ни се најголемата награда и поттик за нашиот труд – вели Цветковски.

Фото: Игор Бансколиев

Кристина Георгиевска има 21 година и е дел од Тимот за спасување на планина при Црвен крст.

Фото: Приватна архива

Вели дека барем на кратко успеале да им ја доловат магијата за новогодишните празници и да им го разубават престојот на децата во Детската клиника.
Според Кристина, членувањето во овој тим носи своја одговорност, посебно предзнаење и посебни обврски, но и физичка и психичка подготвеност.
Како дел од тимот за спасување на планина има поминато обуки за планинарење, качување по карпи, искачување со јажиња и сето ова е дел од нашата тимската работа.
Практикуваат редовни вежби и симулации кои им помагаат во практика да ги употребат нивните знаења во реални ситуации.
– Но, ништо не е тешко, кога нешто те исполнува и те прави се повеќе да се посветуваш на хуманата работа. Традиционалнава акција која ја спроведуваме на детската клиника не прави поблагородни во хуманата мисија, задоволство е да се насмеат децата со омилените ликови од цртаните. Малите пациенти секојпат не пречекуваат со широка насмевка и радост – вели таа.

Децата, родителите и медицинкиот персонал се благодарни на целиот тим спасувачи кои издвоија време да ги израдуваат.