Министерството за здравство апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци, особено во подрачјата каде што има застојана вода во дворовите и нивната непосредна околина. Во општините во кои е прогласена епидемија ќе бидат испратени СМС-пораки со препораки изработени од Институтот за јавно здравје.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, истакна дека август и септември традиционално се месеци во кои се регистрира најголем број случаи на заболувања што ги пренесуваат комарците, меѓу кои и западнонилската треска. Тој упати апел до граѓаните да бидат максимално внимателни.
На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, на кој присуствуваа претставници на повеќе здравствени институции, беше разгледана актуелната состојба и беа усогласени дополнителни мерки за справување со епидемијата.
Според Клековски, досега се реализирани три акции за прскање против комарци. Во Драчево е спроведено прскање против возрасни комарци, како и ларвициден третман на водените површини. Дополнителни активности се реализирани и во Сингелиќ, Стајковци и Јурумљари.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека општините генерално ги спроведуваат планираните активности за дезинсекција, а во наредниот период ќе бидат извршени и вонредни контроли. Приоритет ќе имаат третманите што се спроведуваат од земја.
Дополнително, ќе се реализира и вонредна контрола на живината во погодените подрачја. Надлежните институции предупредуваат дека дивите птици, особено гавраните, се меѓу најчестите резервоари на вирусот. Граѓаните што ќе забележат мртва дива птица се повикуваат да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според последните податоци, во земјата се регистрирани 35 потврдени случаи на западнонилска треска. Три лица го загубиле животот, а шест пациенти се во критична состојба и се лекуваат на Клиниката за инфективни болести. Три случаи сѐ уште се предмет на дополнителни испитувања, додека 15 пациенти успешно закрепнале.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, изјави дека на клиниката моментално се лекуваат десет пациенти. Тој посочи дека, иако најтешките случаи најчесто се регистрираат кај лица постари од 60 години, возраста на заболените се намалува. Најмладиот пациент со невроинвазивна форма на болеста има 25 години и е во стабилна состојба.

































