Интервју со Иван Сингартијски, копретседател на ОМО Илинден-Пирин
Македонците, без разлика на местото на раѓање, живеење или работење, се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да вложат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставници на Македонците надвор од Македонија, во соседството и со македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може да направат тие за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.
Иван Сингартијски, копретседател на ОМО Илинден-Пирин, партија на Македонците во Република Бугарија, е еден од најактивните Македонци за остварување на човековите и малцинските права во Бугарија од 1989 година
Иван Сингартијски, копретседател на ОМО Илинден-Пирин, партија на Македонците во Република Бугарија, е еден од најактивните Македонци за остварување на човековите и малцинските права во Бугарија од 1989 година. Со Сингартијски разговаравме за проблемите со кои се соочуваат Македонците во Република Бугарија, но и како гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија како матична држава на македонскиот народ.
Каков е статусот на Македонците во Бугарија?
– Досега се сменија сите на власт, но не видовме некоја промена. Ако почнеме од 1991 година, сите политички партии дојдоа на власт во Република Македонија, но ниту една партија не разбра дека Македонци во Бугарија – има, и дека треба да им се помага! Македонија треба да се однесува како и другите држави, македонската држава си има институции, македонските политичари да видат што прави соседот и тие да го прават истото тоа. Во овој момент, кога има притисок за промена на македонскиот устав, односно внесување на Бугарите, Македонија треба да ги потенцира многубројните пресуди од Стразбур што Бугарија не ги спроведува. Со какво лице сакаат тие да се почитуваат Бугарите во Македонија, кога тие Македонците во Бугарија ги прават ништо. Ние немаме политички права, ние немаме ништо тука. Не можеме да се организираме, не можеме ништо да правиме. Бугарскиот устав не дозволувал, нека си го сменат уставот. Како може Македонија да си го смени Уставот, а Бугарија не може. Секогаш кога се обидуваме да се регистрираме, одговорот е дека Македонци во Бугарија не постојат. Такви луѓе не постојат, значи ние не сме луѓе.
Какво е вашето видување за процесот на зачленување на
Македонија во Европската Унија?
– Државата треба да се грижи за вработувањето на македонските граѓани, доколку луѓето останат без работа, што ќе прават, ќе бегаат надвор. Да не се лажеме дека доколку Македонија влезе во Европската Унија, младите ќе останеле. Ќе останат колку што останаа во Бугарија. Македонскиот политички фактор треба да работи кон средување на македонската држава во секој поглед, како од економски така и од институционален карактер. Да се има правда, да се има суд на кој ќе му се верува, да има работа, да има бизниси. Да биде сѐ во ред, е тогаш младите нема да бегаат од Македонија. Дали ќе бидеш во ЕУ или не, нема значење. Тој што решил да ја напушти државата, ќе си замине. На тој што му се децата гладни, за него нема друга опција, ќе бега.
За бугарските хегемонистички и великодржавни аспирации сте повеќе од свесен, но каков е вашиот впечаток за големодржавните пројави на другите соседи на Македонија?
– Доколку не се интересираш преку интернет, не можеш да добиеш никакви информации. Не добиваме ни македонско радио ни македонска телевизија. Порано имавме сателитска македонска телевизија, но ја прекинаа. Сега секој обичен Македонец доколку сака да се запознае со состојбите во Македонија, нема можност. Нема ни по кабелските оператори, не ги пуштаат намерно македонските телевизии. Радио Скопје тешко се добива тука, во Сандански и Петрич е полесно, но преку Пирин е потешко. Тоа што го знаеме е преку Фејсбук, преку интернет, тоа е. Бидејќи немаме можност да се информираме преку македонските медиуми, а бугарските ретко информираат, не можеме за одредени пројави да го искажеме нашиот став. Не можеме да го следиме ниту македонското собрание во однос на уставните промени, немаме никаква информација. Тука, во Бугарија, нема никакви информации за ова прашање, но и за другите теми.
Дали Македонија треба да се реангажира и реституира по прашањето за првата на Македонците во Република Бугарија?
– Доколку ги гледаме меѓународните норми во однос на правата на малцинствата, нам, на Македонците, треба да ни помага бугарската држава, а не македонската, зошто ние сме малцинство во Бугарија. Меѓутоа бугарската држава никогаш нема да ни помогне нам, напротив ќе ни наштети. Од друга страна, Македонија како матична држава ништо не ни помага и не ја бараме таа помош од македонската држава. Бугарија секоја година во собранието изгласува околу 900.000 лева, односно околу 450.000 евра за Бугарите во странство. Со овие финансиски средства тие им помагаат на т.н. Бугари во Македонија, Албанија, Косово, Молдавија др. Оваа постапка е законска и се спроведува и од други држави, а Македонија воопшто не се занимава со тоа прашање. Можам да кажам дека како активист за човековите и малцинските права на Македонците во Република Бугарија во изминативе триесет години, од Македонија не сме добиле ниту еден денар, а да не зборуваме и за морална помош, да се застапат за нас во Советот на Европа или која било друга институција. За оние што управуваат со Македонија, ние како да не постоиме. Македонија како матична држава на македонскиот народ треба да се грижи за зачувување на македонскиот јазик, култура, историја, обичаи итн. и надвор од државните граници. Не станува збор за мешање во внатрешните работи на други држави, туку за негување и зачувување на македонските национални особености. Македонија треба да се грижи, но не се грижи. Ние сме оставени сами во зачувување на македонските особености, но и во остварување на политичките и малцинските права во Република Бугарија, од Македонија не сме добиле ниту морална поддршка.