Mucunski-Varns
Фото: МНР и НТ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс, што претставува прва средба по неговата неодамнешна посета на САД во рамки на втората сесија од Стратешкиот дијалог.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата било изразено заедничко задоволство од продлабочувањето на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Муцунски ја реафирмирал посветеноста на Владата за натамошно јакнење на партнерството, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нови инвестиции.

Соговорниците размениле мислења и за актуелните меѓународни случувања, состојбите во рамки на НАТО, како и за безбедносните предизвици со кои се соочува регионот.

Посебен акцент бил ставен на реформските процеси во земјата, вклучително и во областа на судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и на реализацијата на инфраструктурните проекти.

Во услови на зголемени глобални предизвици, двајцата соговорници го истакнале значењето на стратешкото партнерство и сојузништвото во НАТО како клучни фактори за одржување на стабилноста.