Фото: З.А.

Во рамките на манифестацијата „Белички средби“ „Еко свест“ од Скопје организира саем под наслов „Кичево Одржливо Експо“. На овој саем што ќе биде отворен утре во 17 часот, ќе земат учество пчелари,билкари,грнчари и креативни луѓе од кичевскиот регион кои своето умеење,креативност и инвенција ќе ја претстават пред многубројните гости присутни во селото.

-Кичевскиот регион има неограничени можности за развој кои не се поврзани со енергетскиот сектор.Можности за одржлив туризам, земјоделство, пчеларство дури и органско производство, собирање на шумски плодови и лековити растенија како дел од планинарските тури. Сите тие активности се само дел од вистинските потенцијали кои на регионот можат да му овозможат позабрзан развој и да го стават овој регион на мапата атрактивни дестинации кои е препорачливо да се посетат – истакна Кристина Димитрова ,проектен координатор на Еко-свест Скопје.

Еден од најкреативните и најзаслужни за неспорниот раст на манифестацијата „Белички средби“ е Раде Момироски, кој се обидува село Белица да го претвори во посакувано место за живот за поголем број на млади.

-Во Белица има безброј можности за туризам , земјоделие, сточарство, производство на органска храна но и за фармерски живот за млади брачни парови што е хит на стариот континент. Потребно е младите да се поттикнат,да им се потенцираат предностите на животот во селата. Зградата на поранешното, сега реновирано училиште, што популарно го нарекуваме „Беличка палата“ ќе биде едно од тие места во кои ќе може сите да се дружат а манифестацијата „Белички средби“ е настан кој со години не прави уникатни во овој регион – вели Момироски.

З.А.