Фото: МИА

Министерот за здравство, Беким Сали, ќе иницира измени на три закони за да се овозможи набавка на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза преку директни преговори со фабриката производител. Иако се стремеле да го набават лекот за вкупно 30 пациенти, во првата набавка извесно е дека ќе се обезбеди терапија, само за осуммина, чија состојба е критична, за другите е само стремеж.

-Давањето законска можност за директно преговарање со фабриката може да ни овозможи пониска цена за терапијата поради барањето условите за преговарање да не бидат јавни затоа што фабриките имаат регионални политики и даваат посебни понуди за одредени држави. Знаејќи ги условите кај нас, тие сигурно би дале за нас пониска цена. Во контакт сме со фабриката и се подготвуваат законските измени, кои ќе ни овозможат директно да преговараме. Законот за лековите, Законот за јавните набавки и Законот за здравственото осигурување се законите што треба да ни го овозможат тоа – рече министерот Сали.

Средства за терапијата за првите осуммина пациенти ќе обезбеди Фондот за здравствено осигурување, а набавката на лекот би одела преку Клиниката за педијатрија. Во тимот за преговори министерот Сали најави дека ќе биде и член на Асоцијацијата за цистична фиброза, кој ќе може да известува за разните фази од набавката.

Министерот Сали денес уште еднаш објасни дека набавката на лекот „трикафта“ не е планирана во буџетот за годинава. Тој се надева дека в година Министерството и Фондот за здравство ќе бидат подобро спремни за набавка на лекот за другите пациенти.

Во саботата пациентите со цистична фиброза преку протест пред Владата им кажаа на институциите дека лекот треба да се набави за сите и оти немаат време за долги процедури за набавка.