На градските гробишта во Понтијак, во американската сојузна држава Мичиген, со пригодна свеченост денеска беше одбележана 150-годишнината од раѓањето на илинденскиот војвода и член на Македонската револуционерна организација, Смиле Војданов (1872-1958).

На настанот се обратија и двете внуки на Војданов, сестрите Џин Војданова-Јустинг и Џуди Војданова, ќерки на најмладиот син на Смиле – Илија Војданов.

Со благослов на митрополитот Методиј од Македонска православна црква – Охридска Архиепископија се одржа панихида за Војданов на неговото вечно почивалиште.

Здружението „Заборавени Македонци“ по повод јубилејот „150 години од раѓањето на Смиле Војданов“ под истото мото денеска пушти во оптек поштенски плик и картичка со ликот на Смиле Војданов во ограничено издание од 150 примероци, (на македонски и на англиски јазик) наменети за колекционерски цели.

Кон одбележувањето на јубилејниот роденден „150 години од раѓањето на Смиле Војданов“ се придружија и голем број македонски организации од целиот свет.