Несекојдневна изложба и ретка можност на едно место да се видат сите изданиа без ни еден пропуштен број на најстариот дневен весник во државата „Нова Македонија“ во периодот од 1946 до 2002 година. Денеска претпладне беше отворена изложба на градскиот плоштад во Кавадарци во организација на библиотеката „Феткин“, а во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2023“.
На отворањето на изложбата на присутните им се обратија директорот на библиотеката Петар Гурев, претседателот на советот на општина Кавадарци Јован Рамов и в.д.главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ Марјан Велевски.
Во своето обраќање директорот на библиотеката Петар Гурев истакна дека освен универзитетската библиотека „Климент Охридски“ која ги архивира сите изданија на весникот „Нова Македонија“ кавадаречката библиотека е единсвената во Македонија која поседува толку голема збирка на сите изданија на весникот на која се особено горди.
Весниците се прописно укоричени и се чуваат безбедно во депоата на библиотеката. Станува збор за вкупно 146 големи книги укоричени весници кои заедно тежат околу еден ипол тон.
Вака зачуваните весници им стојат на располагање на сите заинтересирани граѓани кои саката да прочитаат што било најактуелно од општествениот и политичкиот живот на населението во Македонија во овој период од 56 години.
– Прекрасно е чуството да се присуствува на еден ваков настан кој на најубав начин директно со презентација на сите изданија на „Нова Македонија“ може да ја покаже вредноста на едно печатено издание на дневен весник и улогата на новинарите во севкупното општествено живеење во Македонија. Особено сме горди што еден град како Кавадарци и библиотеката „Феткин“ успеале да зачуваат значаен дел од изданијата на весникот почнувајќи од далечната 1946 година само две години од првото издание на весникот. Овие весници кои се достапни до граѓаните воедно можат најдобро да илустрираат за квалитетот на новинарството и новинарите во овој период кои ги забележувале најзначајните случувања во државата – изјави Велевски.