Младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,7 години, односно 4,4 години подоцна од просекот во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година.
Во ЕУ младите во просек заминуваат од домот на родителите на 26,3 години, што е незначително зголемување во однос на 2024 година, кога просечната возраст изнесувала 26,2 години. Од 2002 година европскиот просек се задржува близу 26 години.
Најдолго со родителите живеат младите во Хрватска, каде што домот го напуштаат на просечна возраст од 31,5 години. Следуваат Грција и Словачка со по 30,9, како и Шпанија и Италија со по 30,2 години.
Најрано се иселуваат младите во Финска, на просечна возраст од 21,4 години, и во Данска, на 21,8 години. Во Естонија и Литванија родителскиот дом го напуштаат на 22,7 години.
Во регионот младите во Србија остануваат со родителите до просечна возраст од 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5, а во Бугарија до 27,9 години.
Податоците на Евростат укажуваат и на поврзаност меѓу вработеноста на младите и возраста на која тие го напуштаат родителскиот дом.
Во 2025 година стапката на вработеност на младите на возраст од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,5 проценти. Во повеќето земји во кои младите порано се иселуваат, како Холандија, Данска, Германија и Шведска, нивната стапка на вработеност била повисока од европскиот просек.
Наспроти тоа, во земјите во кои младите подоцна го напуштаат родителскиот дом, меѓу кои Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, стапката на вработеност била пониска од просекот во ЕУ.
Во Македонија во 2025 година биле вработени 50,2 проценти од младите на возраст од 20 до 29 години, односно 15,3 процентни поени помалку од просекот во Европската Унија.
































