Фото: Твитер/ Министерство за надворешни работи на Русија

Владата на денешната седница преку надополнета одлука, им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, со што ќе се овозможи руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, да бидат дел од министерскиот совет на ОБСЕ што треба да се одржи во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година – соопшти МНР.

На денешната Владина седница е донесено дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Македонија е целосно или 100 отсто усогласена.

Преку ова дополнување, Влада им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година.

Како што наведуваат од МНР, дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции.

Министерот Бујар Османи претходно изјави дека Лавров на почетокот на ноември испратил писмо до него во кое, како што рече шефот на дипломатијата, „покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје“. Пред неколку дена Османи кажа дека се процесуираат барањата за визи на руската делегација и штом има одука, јавноста ќе биде информирана.

Но, освен Македонија, дозвола за прелет на руската делегација ќе треба да дадат и Бугарија или Грција.

– Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, оттука е одлука на владите што треба да ја донесат, но правен основ во ЕУ има. Сега, таква одлука треба да донесеме ние и најмалку една земја од нашите соседи. Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на 15 ноември.