Занимлива историја на југословенската резиденција лоцирана на Петтата авенија 854 на Менхетн, во Њујорк

Една од најстарите њујоршки вили, поранешна резиденција на југословенската мисија во Обединетите нации, купена од Јосип Броз-Тито во 1946 година, на престижната Петта авенија на Менхетн, деновиве беше продадена за 50 милиони долари. Настанот ја потсети јавноста на големиот имот на поранешна СФР Југославија што го поседуваше во повеќе странски држави на ексклузивни локации. По распадот на поранешната југословенска федерација, тој движен и недвижен имот беше предмет на расправа на Договорот за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ во странство (т.н. Анекс Б), кој предвидува дека и нашата држава е дел од сукцесорите на имотот.

Македонија меѓу наследниците на вилата

Повеќето од оригиналните детали на резиденцијата останаа недопрени до ден-денес

Продавач на вилата, која ја користеше и Постојаната мисија на Србија во ОН, се всушност петте држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија.

Имено, со Анекс Б од Договорот за сукцесија на СФРЈ е дефинирано дека од 123-те дипломатски претставништва на СФРЈ, на Босна и Херцеговина ѝ припаѓаат 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Македонија осум, на Словенија 14 и на Србија и Црна Гора, кои тогаш ја сочинуваа СРЈ, 39,5 отсто.

Во една од главните простории на резиденцијата беше подготвен планот за создавање на Движењето на неврзаните

Градбата во 1969 година беше прогласена за индивидуално обележје на Њујорк, меѓутоа малкумина знаат дека минатото на споменатата вила е поврзано со масоните и со моќни американски фамилии, како што е Вандербилт. Останува мистерија зошто Тито ја купил токму оваа вила. Во 1961 година, Тито и претседателите на Египет, Гана, Индија и на Индонезија подготвија план за создавање на Движењето на неврзаните во една од главните простории на вилата.

Поврзаност со слободните ѕидари – масоните

Вилата била изградена во 1903 година, од фирмата на Витни Ворен и Чарлс Делеван Ветмор. Ворен, една од клучните личности во споменатата фирма, е потомок на фамилиите Гелет и Вандербилт, кои се поврзани со движењето на слободните ѕидари, односно масоните. Фамилијата Гелет потекнува од Франција, а Френсис Голет во 30-тите години на 18 век е меѓу првите масони во Соединетите Американски Држави. Од друга страна, позната е поврзаноста на фамилијата Вандербилт со масонското движење.

Меѓутоа, поврзаноста на вилата со слободните ѕидари не завршува тука. Вилата била изградена за Роберт Ливингстон Бикман, американски политичар и гувернер на Род Ајленд, кој бил припадник на масоните. Следни сопственици станале Хенри Вајт, истакнат американски дипломат и еден од потписниците на Версајскиот договор, со кој заврши Првата светска војна, и неговата сопруга Емили Торн Вандербилт, потомок на Корнелиус Вандербилт, еден од најбогатите Американци во историјата и најбогатите личности воопшто, патријарх на моќната фамилија Вандербилт. Станува збор за една од најбогатите и најмоќни американски фамилии, која имала клучен удел во развојот на Соединетите Американски Држави во различни области.

Монументална градба со импресивна чистота на стилот

Вилата од 20.000 квадратни метри е лоцирана на Петтата авенија 854 на Менхетн. Во 1969 година, таа беше прогласена за индивидуално обележје на Њујорк, поради „импресивната чистота на стилот, изведена со таква финеса и авторитет“. Оваа прекрасна резиденција има 32 големи соби и 12 бањи, распоредени на девет нивоа, директно свртени кон Централ парк. Спектакуларните погледи од десетте соби свртени кон паркот вклучуваат некои од најпознатите градби во Мидтаун и Вест Сајд, стари и нови.

Повеќето од оригиналните детали на куќата останаа недопрени до ден-денес, вклучувајќи и две неверојатни француски таписерии од 18 век над големите кривулести скалила, 17 камини, рачно врежани балустради направени од поединечни парчиња редок италијански мермер, златни листови, рачно насликани тавани, кои потсетуваат на стара Европа, облоги од древен француски замок, кој подоцна бил вграден во овој простор, и два лифта. Д. Ст.