Заедничка фотографија од учесниците на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тирана, 6 декември 2022 (Фото: Влада.мк)

На денешниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тирана беше потпишана Декларација во која ЕУ уште еднаш ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија и повикува на забрзување на пристапниот процес заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови, како и принципот на сопствените заслуги, објави МИА.

Во декларацијата се наведува дека ЕУ ги охрабрува земјите во регионот да постигнат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и да дејствуваат соодветно, вклучително и во областите на рестриктивните мерки на ЕУ.

„Ние, лидерите на Европската унија (ЕУ) и нејзините земји-членки, во консултација со лидерите од Западен Балкан и во присуство на регионални и меѓународни чинители, денеска за првпат го одржавме овој Самит во регионот на Западен Балкан. ЕУ ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во Европската унија на Западен Балкан и повикува на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни условувања и принципот на сопствени заслуги, што е во наш заеднички интерес“, стои, меѓу другото, во Декларацијата.

На Самитот, кој прв пат се одржува во земја од Западен балкан, присуствуваше и македонска висока делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој по денешните состаноци изјави дека ЕУ ја потврдила заложбата за евроинтеграција на Македонија и на другите земји од Западен Балкан.