Сали Бериша, архивска фотографија (Фото: Социјални мрежи)

Генералниот директор на албанската државна полиција, Мухамет Румбулаку, ги отфрли обвинувањата на поранешниот премиер Сали Бериша дека 31-годишниот Герти Шеху, кој денеска го удри, бил агент на криминалистичката полиција, пренесе МИА од Тирана.

Бериша, по денешниот напад врз него за време на опозицискиот протест во Тирана, обвини дека лицето што го нападнало е агент на криминалистичката полиција и оти се користи како инфилтратор и дека „се е добро испланирано од премиерот Еди Рама”.

Румбулаку рече дека Шеху никогаш не бил полициски агент и никогаш не бил користен како инфилтратор.

– Во врска овој дел од изјавата на Бериша појаснуваме дека лицето Герт Шпетим Шеху никогаш не бил и не е агент во овој сектор, како и во ниту која било од структурите на државната полиција. Тој никогаш не бил користен како инфилтратор од полицијата, рече Румбулаку.

Тој, исто така, нагласи дека документот кој покажува дека лицето боледува од ментални здравствени проблеми, им бил достапен на медиумите од членовите на неговото семејство.

–  Документот дека е ментално болен го дале самите членови на неговото семејство. Државната полиција најостро ги осудува овие изјави. Го уверуваме пратеникот Бериша дека државната полиција во соработка со Обвинителството ќе работи на расветлување на инцидентот, посочи тој.

Денешниот напад врз пратеникот Бериша го осуди и албанскиот премиер Еди Рама кој побара итна истрага на случајот.