Во Ереван, главниот град на Ерменија, свечено беше отворен „Јуниорскиот евросонг 2022“, на кое учествува и Македонија. Јубилејното 20-то издание ќе го отвори претставничката на Холандија, а ќе го затворат Ерменија и Украина. Македонските претставници ќе настапат десетти.

Македонските претставници – Лара, Јован и Ирина и танчерките Александра и Мила, во придружба на одговорниот уредник на МРТ5, Дијана Гогова, продефилираа на црвениот килим, а шефот на македонската делегација, Раде Спасовски, изјави дека „тимот е подготвен за двете проби и за целиот предизвик кој со себе го носи еден ваков голем настан“.

Лара, Јован и Ирина велат дека со нетрпение чекаат на 11 декември да застанат на големата евровизиска сцена и да ја претстават Македонија во најдобро светло. Тие ќе ја исполнат песната „Животот е пред мене“ чиј автор на музиката е Симон Трпчевски, текстот на Јован Трпчески и Лара Трпческа, а продуцент Дарко Димитров. За песната е снимен и видео запис во режија на Огнен Шапковски.