Успешната презентација на македонските национални особености да продолжи и понатаму

Друштвото „Македонија“ од Швајцарија ги сумираше досегашните активности

Македонското добротворно друштво „Македонија“ од Ешалан, Швајцарија, одржа полугодишно собрание на кое беше разгледана досегашната дејност, како и тековните програми. Од споменатото друштво информираат дека во текот на состанокот била нагласена тимската работа помеѓу членовите и раководството на друштвото, како и креативно и аналитичко размислување преку кои се осознаваат потребите на оваа организација што ги застапува интересите и потребите на македонската дијаспора во Швајцарија.

На работната средба биле претставени детални информации за полугодишната работа, како и за тековните програми за реализација во 2023 и 2024 година. За 2024 година, друштвото „Македонија“ најавува реализирање на повеќе предвидени програми и настани, како што е одбележување на јубилејот 35 години од постоењето на друштвото, проект што треба да се реализира во текот на целата година, а со почеток на 13 јануари. На работната средба беше разгледана и програмата „Македонски ден“, со што беше утврдена потребата за повторно организирање втор дел на „Македонскиот ден“ за 2024 година.

На полугодишното собрание, раководството и членовите на македонското друштво одлучија за посета на три општини во Македонија, Македонска Каменица, Ново Село и Куманово, односно претставниците на друштвото составени од три групи ќе ги посетат трите општини до крајот на 2023 година. Од друштвото „Македонија“ исто така соопштија дека во зависност од потребите на друштвото, програмите дополнително можат да се променат.

Македонското добротворно друштво „Македонија“ им се заблагодари на своите поддржувачи и помагачи, меѓу кои се Емил Мијалов, Тони Стојанов, Диме Мирчев, Мите Стојменов, Павле Велков, Андреј Гали, Жозе Илиев и Миле Стојчев, како и Општина Ешалан.

Македонското добротворно друштво „Македонија“ е создадено во 1989 година со седиште во Ешалан, гратче што е лоцирано во западна Швајцарија, или поточно, северно од Лозана. Во споменатата општина живеат околу 600 граѓани од македонско потекло, а како едно од првите македонски друштва во Швајцарија силно е водено од мотото за обединување околу интересите на целата македонска дијаспора во оваа европска држава.

Пошироката македонска јавност со споменатото друштво се запозна преку т.н. „Македонски ден“, проектот што е наменет за промоција на Македонија, како и македонските национални особености – култура, јазик, историја итн. Споменатиот проект беше реализиран со поддршка на пет општини од Македонија, односно Ново Село, Куманово, Босилово, Македонска Каменица и Василево, како и со поддршка од македонската амбасада во Берн. Настанот се одржа во центарот на Ешалан со афирмација на македонска храна и вино, како и презентација на македонска песна и оро, презентација на македонска свадба и изложба на слики и фотографи од Македонија.

Македонското добротворно друштво „Македонија“ од Ешалан исто така презема добротворни активности и надвор од Швајцарија, односно во Македонија, како што беше донацијата на спортска опрема за основното училиштето „Видое Подгорец“ во Колешино.