Македонија на Украина ќе ѝ испорача 12 хеликоптери „Ми-24“, откако претходно ѝ донираше тенкови „Т-72“. Дел од медиумите неодамна објавија и дека четирите воени авиони „СУ-25“ што Македонија ги набави токму од Украина за време на конфликтот во 2001 година, биле донирани на Киев, но немаше потврда на ваквата информација од Министерството за одбрана.
На следна Владина седница ќе биде доставен предлог за носење на одлука со која Македонија ќе ѝ донира 12 хеликоптери на Украина, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат“, додавајќи дека е завршена анализата на Генералштабот за донацијата на хеликоптерите Ми-24, како и дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.
– Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме – рече министерката.
Во однос на финансиските импликации, Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите, без можната донација на хеликоптери, изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.
За плановите за снабдување на нови хеликоптери, министерката информира дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Таа појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.
Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови „Т-72“, како што изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова. На изјавата на Захарова реагираа македонското МНР и Министерството за одбрана, истакнувајќи дека Македонија е суверена држава и може самата да одлучува што ќе прави.
Украинскиот претседател Володомир Зеленски истакна благодарност до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка, во телефонски разговор со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како и во писмо испратено до претседателот Стево Пендаровски.