Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека се преземаат опсежни истражни мерки за расветлување на случајот во кој беше спречено организирано бегство од затворот „Идризово“, преку копање подземен тунел од страна на затвореници.

– Таму се преземаат опсежни истражни мерки, не само сега после откривањето, тој процес беше започнат и претходно. Се што спаѓа во тие истражни мерки притоа да можат да се обезбедат докази, се работи, во соработка со јавниот обвинител за организиран криминал и секако дека тоа ќе биде еден опсежен слулчај во којшто секако треба да се докаже и учестовото на вработените во затворските институции – изјави Спасовски на новинарско прашање по промоцијата на кампања на МВР.

Сознанијата за активностите што биле преземени во затворите, како што рече, МВР ги имало околу два месеци.

– Цело време се работи заедно со Управата за извршување на санкции, Агенцијата за национална безбедност, и во тие рамки се подигна и степенот на обезбедување и во затворот и надвор од затворот. Надлежни се Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, меѓутоа МВР беше секогаш тука за да помогнеме и  да не се наруши безбедноста – рече Спасовски.

Барем 12 трактори би биле потребни за да се изнесе ископаната земја од тунелот за бегство што неделава беше пронајден во „Идризово“, според проценките на директорот на Управата за санкции, Јовица Стојановиќ, што тој ги изнесе во вчерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

Тој се согласува со тврдењата дека е ископано големо количество на земја, а се сомнева дека земјата била фрлана на депонијата во близина, а потоа изнесувана надвор од затворот, со оглед оти не е утврдено каде завршувала земјата.

Минимум 12 трактори би биле потребни. Претпоставувам дека тоа не е направено за еден месец, туку дека процесот траел подолг период. Таму нема покриеност на затворската полиција за да ги надгледува осудениците – истакна Стојановиќ, додавајќи дека недоволната екипираност во „Идризово“ претставува слабост.

Спасовски порача и дека за секој што сторил кривично дело мора да има санкции и одговорност.

– Секој кој направил кривично дело ќе одговара. Тоа е очекувањето на граѓаните да сите оние коишто прават криминал, ја нарушуваат стабилноста, ја нарушуваат безбедноста на граѓаните да бидат изведени пред лицето на правдата – рече министерот.