Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија не ги признава објавените податоци за Турците во пописот, сметајќи ги за нереални, откако во текот на процесот во повеќе наврати изразиле незадоволство за методологијата и други недостатоци.
– Нашите барања беа занемарени и игнорирани. Ваквиот пристап на надлежните институции го засенија целокупниот пописен процес. За жал овој попис ќе се памети како занемарен од надлежните институции со многу неодговорени прашања и игнорирање на нашите барање. Од горенаведеното може да се заклучи дека се повредени правата на турскиот народ кој е еден од државнотворните народи на РСМ и еднаков со другите – истакнаа од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија.
Најголемиот и најзначниот политички субјект на бошњачката заедница во Македонија, Бошњачки демократски сојуз (БДС), изрази сомнеж за регуларноста на резултатите од пописот.
– Бошњачкиот демократски сојуз како политичка партија и на почетокот на процесот на попишување изрази сомнеж во исправноста на самиот процес и одредени неправилности. За жал нашите претпоставки се испоставија точни. Податоците од пописот за нас се неприфатливи затоа што постојано работиме на терен и ја знаеме реалната фактичка состојба. Нашата примедба е во пристапот на попишување – се вели во соопштението на БДС.
Бошњачката заедница тврди дека бројот на Бошњаци кои живеат во странство е далеку поголем, земајќи ги предвид забелешките кои ги добиле за процесот на попишување.
– Имаме лични сведоштва на граѓани кои биле попишувани според претпоставки за нивната етничка и верска припадност. Притоа, граѓаните, немаа можност во исто време да направат увид во внесените податоци. Ништо помалку важна не е ниту забелешката за отежнатиот процес на попишување на дијаспората. Добивме забелешки за бројни технички проблеми со апликацијата при попишување, поради што уверени сме и тврдиме дека бројот на Бошњаци кои живеат надвор од територијата на Р.С.Македонија е далеку поголем – посочуваат од БДС.
Тие бараат преиспитување на резултите и утврдување на неправилностите.
– Поради сето ова наведено, јавно укажуваме на пропустите и се заканивме со излегување од владеачката коалиција и бевме уверувани дека пописот ќе се спроведе коректно и во согласност со сите правила. За жал резултатите не го покажуваат тоа и не ја одразуваат реалноста. Затоа, укажуваме дека податоците од пописот фрлаат сенка врз работењето на државните институции и ја доведуваат во прашање функционалноста и довербата во истите. Бараме да се преиспитаат резултатите и да се утврдат неправилностите за да резултатите од пописот спроведен по две децении бидат реални и да одговараат на потребите на граѓаните, а не да служат на поткусурување на партиските интереси – се заклучува во соопштението на БДС.