Фото: МИА

Тетовско-гостиварска епархија денеска информираше дека добила решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Најавија дека ќе биде поднесена жалба.

– МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија, своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи – соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

Вчера за медиумите на албански јазик, раководителот на општинскиот инспекторат изјави дека има решение за отстранување на крстот.

-За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа – изјави Сулејмани.

Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот Свети Наум Охридски Чудотворец. На 18 ноември градоначалникот Касами изјави дека согласно нов урбанистички план може да се легализираат верските објекти.

-На пролет ќе продолжат инвестициите во викенд населбата ќе се продолжи со отворањето на новиот пат, согласно нов урбанистички план овде ќе имаме еден туристички ресорт каде што ќе доаѓаат туристи од цела Европа и цел свет. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши во кој се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти – рече тогаш Касами.

Од црковниот одбор при манастирската црква Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка по поставувањето посочија дека е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.