Фото: Министерство за одбрана

Потребата од интензивен дијалог и соработка во однос на безбедносните предизвици со кои се соочува континентот и потребата од брза и ефикасна европска интеграција на земјите од Западниот Балкан, беа темите на кои разговараа на денешната средба во Кремс, Австрија,  министерката за одбрана Славјанка Петровска и австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер.

– Австрија како непосреден сосед на регионот и одличен познавач на балканските прилики е директно засегната од  потребата за ефикасна европска интеграција на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан имаат големо влијание врз безбедноста на целиот континент, рекла министерката Петровска на состанокот – соопштија од МО.

Таа истакнала дека самиот факт што седиштето на ОБСЕ е во Виена, ја покажува силната посветеност на Австрија кон мултикултурализмот. Петровска се заблагодарила за австриската поддршка во контекст на претседавањето на Македонија со оваа организација во 2023 година, кое доаѓа во една комплексна безбедносна состојба на континентот.

Како што се наведува во соопштението од МО, министерката Танер ја повторила заложбата на Австрија за поддршка на патот на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија кон полноправно членство во Унијата. Истакнала дека земјата ќе продолжи да биде активна во достигнувањето на оваа цел, и во рамките на ЕУ, но и во регионот.

На средбата станало збор и за билатералната одбранбена соработка, за која било нагласено дека е интензивна. Министерките Петровска и Танер изразиле подготвеност за уште посилна соработка што може да се види и преку веќе усогласениот План за билатерална соработка за 2023 година кој опфаќа повеќе области меѓу кои и безбедносната политика, меѓународните операции и воената обука и едукација.

Како начин за зацврстување на соработката било споменато и партнерството со Националната гарда на Вермонт, кое го реализираат и двете земји и кое отвора можност за дополнителни заеднички активности во одбраната, кризниот менаџмент, образованието и економијата.

Воената соработка помеѓу Македонија и Австрија се реализира од 2006 година и истата е особено активна во однос на истражувањата на безбедносната и воена политика, размената на искуства во доменот на логистиката, воената обука и образование и курсевите за операции за одржување на мирот.