Македонија игра многу важна улога за стабилноста и демократската отпорност во цела Европа и низ целиот Западен Балкан, истакнаа на денешната заедничка прес-конференција министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со генералниот сектерат на Советот на Европа Ален Берсе, кој е во прва официјална посета на земјава, пренесе МИА.
– Во текот на овие три децении, како полноправна членка на Организацијата, созревавме како демократско општество, но и активно придонесувавме кон мисијата на Советот на Европа – заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото – рече Муцунски.
Тој истакна дека со Берсе имале отворен, конструктивен и пријателски разговор за реформските процеси, актуелните европски предизвици и за нашата понатамошна соработка.
– Изразив благодарност за континуираната поддршка што ја добиваме од Советот на Европа, особено преку експертската помош во подготовка на важни законски решенија и Акцискиот план за малцинства како значаен сегмент од нашиот европски пат. Особено задоволство изразив што напредокот на нашата држава и покрај бројните предизвици беше препознаен со затворањето на Пост-мониторинг дијалогот од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа во јануари оваа година – нагласи Муцунски, додавајќи дека тоа за нас претставува признание, но и дополнителна обврска да продолжиме со уште посилна посветеност кон европските вредности, човечкото достоинство, основните права и слободи и владеењето на правото.
Тој истакна дека ја реафирмирал и важноста од доследно почитување на преземените обврски од страна на сите земји членки, без двојни стандарди, со посебен акцент на независноста и имплементацијата на одлуките на Европскиот суд за човекови права.
– Изразив и надеж дека Советот на Европа и понатаму ќе остане морален компас и објективен чувар на демократските стандарди во Европа. Во разговорите се осврнавме и на актуелните регионални и европски прашања, како и поддршката за Украина, каде што улогата на Советот на Европа има посебно значење. Го поздравив лидерството на генералниот секретар Берсе во насока на понатамошно зајакнување на улогата на Советот на Европа во актуелниот геополитички контекст, како и неговиот личен ангажман во зајакнување на демократијата преку новиот Демократски пакт за Европа. Убеден сум дека оваа плодна соработка ќе продолжи и во периодот кога нашата држава ќе го преземе претседавањето со Комитетот на министри во текот на ноември следната година. Остануваме посветен, кредибилен и конструктивен партнер на Советот на Европа – заклучи Муцунски.
Берсе изрази задоволство од посетата и од досегашната соработка, притоа нагласувајќи ја важната улога на земјава во градењето на стабилноста и демократските стандарди во регионот и Европа.
– Во оваа геополитичка средина многу е важна улогата на Советот на Европа во одржувањето на демократскиот курс, стабилноста на Европа како целина, развивајќи заеднички правен простор за земјите-членки за да можат да ги решат проблемите заедно во еден заеднички простор и европска безбедност – рече тој.
Берсе ја поздрави земјава за посветеноста кон европските вредности истакнувајќи дека Советот на Европа соработува со Северна Македонија на прашања на правата на малцинствата.






























