Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Петте најнеразвиените региони во Европа според Индексот на човечки развој се на Балкан, додека Југоисточниот регион на земјава (0,722) е најнеразвиената област во цела Европа. Најразвиените области на Европа се наоѓаат во западната половина на континентот, каде највисок индекс има Цирих (0,989).

Индексот за човечки развој е композитен индекс на Канцеларијата за извештаи за човечки развој на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и се користи за мерење на развојот на една земја, врз основа на показателите за очекуваниот животен век, образованието и приходот по глава на жител. Овој индекс најчесто се пресметува на национално ниво, а Глобалната лабораторија за податоци на холандскиот Универзитетот Нијмеген Радбауд го пресметала на ниво на региони по држави за 2021 година, пренесува Ландгејст.

Врз основа на Индексот за човечки развој, Европа е најразвиениот континент во светот, при што сите региони имаат или висок или многу висок индекс.

По Југоисточниот регион на земјава, втор најнеразвиен регион од Европа се наоѓа во Бугарија – Северозападен регион со 0,739, по што следат Централен регион (Молдавија) и Североисточниот регион (Македонија) со по 0,742 и Гљилане (Косово) со индекс 0,743. И покрај ваквата позиција во Европа, овие региони имаат висока оценка, особено во споредба со остатокот од светот.

Најразвиените области на Европа се наоѓаат во Швајцарија – Цирих (0,989), Норвешка – Осло (0,990), Велика Британија – Лондон (0,973), Германија – Хамбург (0,972) и Шведска – Стокхолм (0,972).