Фото: МИА

Најновиот развој на настаните во односите со Бугарија бил во фокусот на денешната седница на Советот за безбедност на Македонија, изјави по средбата шефот на државата Стево Пендаровски.

Советот за безбедност со предлог до Владата да се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица. Според претседателот Пендаровски постојат сомневања дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба.

Тој рече дека се очекува на 4 февруари организирана група да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата ќе има за цел нарушување на безбедноста со цел дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Претседателот рече дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки од границата, се до гробот на Гоце Делчев.

– Според достапните анализи и сознанија на надлежните органи се работи за органзирани активности од стана на структури во соседна Бугаријa кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачката рамка во јули, минатата година. Истите овие структури, се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организраното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува – рече Пендаровски.

На седницата шефот на дипломатијата реферирал за посетата на Украина одржана во својство на претседавањето на Македонија со ОБСЕ, чиј главен приоритет ќе биде токму војната во оваа земја. За состојбата во Косово реферирала министерката за одбрана Славица Петровска и началникот на ГШ, каде наши војници се дел од мисијата на КФОР

На седницата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.