Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието попладнево ја продолжи расправата од 104-тата седница по точката од дневниот ред – Предлог за избор на членови на Владата. Според пратениците од опозицијата, лош потег е промена на влада една година пред избори, а реконструкцијата е за „Владата да се спаси за некој месец“. Реагираа и дека премиерот Димитар Ковачевски, како и за разрешувањето на министрите од Алтернатива, немал аргументи ниту за новите предложени од Алијанса за Албанците.

Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа влада не може да биде решение за проблемите на граѓаните и дека реконструкцијата е „нова епизода од криминалната серија наречена влада и нема да донесе ништо ново“.

-Ова е како во контаминирана вода да се стават три чисти капки, така ќе се случи и со овие министри – брзо ќе се вклопат во шемата сплетена од СДСМ и ДУИ. За трампање се само овие три министерства зашто се секогаш на опашката на оваа власт. Европска агенда е само куќата на лидерот на Алијанса на улица „Бриселска“, а таму ќе му се придружи и новиот министер за здравство со куќата што планира да ја изгради – рече Аџиоски.

Според неговата сопартијка Ангелина Петкова, новото мнозинство во Собрание е „држење во живот и некој месец да и даде живот на клинички мртвата влада“.

Критикувајќи ги политиките на Владата, таа рече дека државата има најнизок економски раст во регионот од 7,13 проценти и е на 85 место по корупција во светот. Загубена е, рече, и репутацијата во меѓународни финансиски кругови поради пропаднатата еврообврзница.

За предлозите за министри, меѓу другото, рече дека Кренар Лога за краток период „треба да воспостави правда во министерството за неправда“ зашто 4 отсто од граѓаните веруваат во правосудството, а за Каја Шукова – предложена за министер за животна средина каде што и работи, Петкова рече „сакавте да го протнете со европско знаменце и по скратена постапка Законот за увоз на отпад од ЕУ“.

На обвинувањата за корупција и криминал, Даниела Колева од СДСМ реплицираше дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку може да зборува за правда затоа што, рече, има над 400 обвиненија на нивни луѓе, над 100 пресуди, 40 признанија и вкупно 150 години затвор.

– Кога ќе зборувате за правда, сетете се за Сваровски-судиите, тефтерчето на Горде, намерното застарување на предметите… – рече Колева.

Антонијо Милошоски во своето излагање се фокусираше на ресорот здравство и рече дека Министерството за здравство е „министерство за градежништво Тафталиџе 2“. За предложениот Фатмир Меџити смета дека е „тотален анонимус во медицинската фела“ зашто нема стручни и научни трудови и поголеми проекти во здравство. Како што рече, Меџити бил најдоверлив советник на министерот за здравство во 2017 – Арбен Таравари, кога станал и претседател на Управниот одбор на Фондот за здравство. Во записници на Фондот од 2017, рече Милошоски, може да се види дека најголема усогласеност меѓу Ден Дончев и Фатмир Меџити имало за позитивни одлуки за зголемен буџет за клиниката „Жан Митрев“ и за други приватни клиники.

-Во следните десет месеци со ваков анонимус во фелата и потрчко на Таравари здравството ќе биде во лет во место, без поместување напред. Нема да биде министер со сопствен интегритет туку на далечинско… Предлогот е од лукративни побуди – не за да се подобри состојбата во здравството туку за имотната состојба на тој што го предлага и неговата лично – рече Милошоски.

Додаде и дека со сите предлози за министри нема приближување до европски стандарди, туку за да се добијат осум пратеници од Алијанса и да се решат внатрешни проблеми во Владата.

-Партиите во власта се караат меѓу себе за позиции, функции, тендери… За три министерски места и за 20 директорски, толку вредат осумте пратеници на Алијанса – додаде Милошоски.

Пратеничката Бети Стаменковска рече дека предложениот министер за здравство Фатмир Меџити, „сосед на Арбен Таравари, кој незаконски има стекнато имот во Тафталиџе“ ќе ја потсетува македонската јавност дека „криминалот и корупцијата продолжуваат да врват“.

Премиерот нема со што да се пофали, рече таа, затоа што владата нема постигнато резултати. Стаменковска зборуваше и за бизнисите на премиерот и неговата сопруга и поддршката што ја добивале нивните фирми.

Ковачевски одговори дека се што поседува е пријавено во неговиот анкетен лист.

-Се што поседуваат членовите на моето семејство, е пријавено во анкетен лист. Можете да одите во Комисијата за спречување корупција каде што можете да го најдете тој анкетен лист каде што стои се. Се што јас сум работел, можете да го најдете на социјалните мрежи и интернет-агрегатори затоа што јас се сум работел јавно – рече Ковачевски.

Пратениците од опозицијата реагираа дека премиерот ја навредил од место пратеничката Стаменкоска додека имала излагање, на што регираа нејзините сопартијци од пратеничката група, а Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во соопштение побара Ковачевски да се извини за „шовинизам и сексизам искажан кон пратеничката“. Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека седницата за избор на нови членови на Владата ќе продолжи и по 18 часот.