Собранието денеска ја изгласа реконструкцијата на Владата, предложена од премиерот Христијан Мицкоски, избирајќи осум нови министри.
За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари, за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, за односи меѓу заедниците Агон Ферати, за здравство Сашо Клековски, за туризам и култура Седат Сулејмани, за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ, а за министер без ресор Ерџан Демир.
Сите кандидати добија поддршка од 69 пратеници, без гласови „против“ и „воздржан“.
Пред гласањето, премиерот Мицкоски изјави дека реконструкцијата означува нова фаза во работата на Владата, со цел поголема ефикасност и побрза реализација на реформите.
– Предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и во интерес на граѓаните – рече Мицкоски во своето експозе.
Тој истакна дека Владата во следниот период ќе се фокусира на економскиот развој, реформите, здравството, правосудството, локалната самоуправа и демографските политики, оценувајќи дека најдобрите години за државата допрва претстојат.
Мицкоски воедно им се извини на пратениците и на граѓаните за тензиите што ја одбележаа денешната собраниска седница.
– Како претседател на Владата, им се извинувам на пратениците и на граѓаните за денешните настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори – изјави премиерот.
На седницата претходно беа разрешени досегашните министри, а расправата беше проследена со остри политички препукувања и инцидент меѓу власта и опозицијата. Пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците ја напуштија пленарната сала, барајќи јавно извинување од новоизбраниот министер Иван Стоиљковиќ за, како што тврдат, навредите упатени кон опозициските пратеници.
Со реконструкцијата, Владата влегува во втората половина од својот мандат, а премиерот најави дека изборот на заменик-министрите ќе следува во септември.


































