Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Пратениците од СДСМ, Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијанса за Албанците ја напуштија денешната собраниска седница за реконструкција на Владата, откако, според нив, не било упатено јавно извинување за навредливото однесување на предложениот министер Иван Стоиљковиќ кон опозициските пратеници.

Одлуката следеше по втората пауза и координацијата на пратеничките групи, на која опозицијата побарала претседателот на Собранието, Африм Гаши, јавно да го осуди однесувањето на Стоиљковиќ. Барањето, според нив, не било прифатено, ниту, како што велат, премиерот се оградил од инцидентот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека на координацијата предложиле да се донесе заклучок со кој Собранието ќе го осуди конкретното однесување на кандидатот за министер.

Пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, рече дека нивните претставници не биле повикани на координацијата и дека без јавно извинување не постојат услови седницата да продолжи во нормална атмосфера. Тој најави дека нивната пратеничка група ќе ја напушти седницата со цел, како што рече, да придонесе за смирување на тензиите.

Од ДУИ, исто така, реагираа дека Стоиљковиќ се однесувал недолично кон опозициските пратеници и изразија незадоволство што, според нив, владејачкото мнозинство не се дистанцирало од инцидентот.

По заминувањето на дел од опозицијата, пред пратениците се обрати лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тој оцени дека денешните случувања се доказ за нефункционалноста на етичките правила во Собранието и го критикуваше присуството на кандидатите за министри во пленарната сала пред нивниот избор.

Во своето обраќање Апасиев упати критики и кон експозето на премиерот, оценувајќи го како „добро спакувано, но без суштина“, а реконструкцијата на Владата ја искористи како повод за критика на кадровската политика на владејачкото мнозинство.

По неговото обраќање, претседателот на Собранието Африм Гаши даде нова едночасовна пауза на седницата.