Особено е битно инженерите, архитектите, инвеститорите, надзорите, адвокатите, правниците, економистите, судиите и градежните компании во Македонија да бидат во тек со искуствата од примената на ФИДИК-договорите
Најзначајни општи услови, во меѓународни рамки, кои се однесуваат на договорот за градење или на некои негови делови се општите услови подготвени од Меѓународната федерација на инженери-консултанти (ФИДИК). Асоцијацијата на инженери-консултанти на Македонија (АЦЕМА) ја организира првата конференција за ФИДИК-договорите во Скопје. Оваа конференција е значајна за учесниците на градежните проекти што се изведуваат во Македонија, во регионот и во интернационални рамки, како и за претставниците на државните институции и органите на локалната самоуправа што се вклучени во градежништвото.
Според Денис Ризаов, менаџер за ФИДИК-договори и за отштетни побарувања во „Гранит“ и член на управниот одбор на АЦЕМА, меѓу големите градежни компании, широко е прифатен принципот на избегнување спорови наместо решавање спорови, колку што е можно повеќе. Тој вели дека избегнувањето спорови, значи и ангажирање професионалци за администрација и менаџирање како на тендерската постапка така и на договорите во текот на изградбата на големите проекти, а не ангажирање професионалци по ескалација на спорот.
– Секој градежен проект содржи потенцијални економски ризици за отштетни побарувања. Но, исто така, постојат и мерки што учесниците во изградбата може да ги имплементираат за да се намалат овие ризици или да се елиминираат во целост. Затоа особено е битно инженерите, архитектите, инвеститорите, надзорите, адвокатите, правниците, економистите, судиите и градежните компании во Македонија да бидат во тек со искуствата од примената на ФИДИК-договорите. Јас имав можност да посетувам повеќе обуки, конференции и работилници во странство за ФИДИК-договорите, но отсега натаму такви обуки ќе се одржуваат и во Македонија – нагласува Ризаов.
Иако со договорите на Меѓународната федерација на инженери-консултанти (ФИДИК) јасно се дефинираат односите помеѓу надзорот, инвеститорот и изведувачот со рокови и одговорности за секоја страна, тие не се применуваат кај домашните проекти што не се финансирани од меѓународна финансиска институција. Како причина се наведува недоволното познавање на ФИДИК-договорите, за што во наредниот период АЦЕМА ќе спроведува обуки на домашните инженери, што ќе ја подобри нивната конкурентност.
– Целта на асоцијацијата е да ги донесе светските искуства и знаења во Македонија, затоа што место за импровизација во изведувањето на големите градежни проекти нема – истакна Ризаов.
Како што појасни, ФИДИК-договорите се разликуваат од домашните, затоа што во нивната изработка учествуваат стручњаци од целиот свет, директни претставници на изведувачи, инвеститори и на проектанти.
– Тие создаваат форма на општи услови на договор што би требало од проект до проект да не се менува, да биде стандардно, да се менува со посебни услови, кои ја одразуваат специфичноста на подрачјата каде што се изведува проектот. Колку се помали тие посебни услови, толку се помали ризиците за настанување на спор на тој проект – напомена Ризаов.
За големите градежни проекти што се градат со заеми од големите банкарски системи се наложува употреба на ваков тип договор, бидејќи се напишани на начин што обезбедува фер однос меѓу договорните страни. Како што додаде Ризаов, ако дојде до дисбаланс, постојат механизми што ги нивелираат ризиците и не се губат значителни средства и време. ФИДИК-договорите се користат кај сите големи домашни проекти финансирани од ЕБОР, Светска банка.
– Со оглед дека големите капитални објекти се финансираат со кредити и заеми, а кредиторите и финансиерите ги диктираат условите по кои се утврдуваат критериумите за настап на тендери, ние сме длабоко навлезени во тие договори, иако за целосна и доследна нивна примена е потребно да се извршат одредени усогласувања. Ние веќе работиме на тоа и се надевам дека свеста на инженерите е на високо ниво, заради што очекувам голем интерес – смета Ризаов.
Меѓу проектите што се реализирани во државава, а во кои договорните страни користеле општи услови од ФИДИК-договорите, се изградбата на автопатиштата Кичево – Охрид, Свети Николе – Штип, Демир Капија – Смоквица, Скопје – Тетово и реконструкцијата на автопатот Катланово – Велес.
Според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, досегашната практика во Македонија е што помалку да се менуваат општите услови на ФИДИК-договорите, а посебните услови на договорите да бидат што помали.
– Еден современ инженер мора да има добри познавања од ФИДИК-договорите за да биде конкурентен на меѓународниот пазар на труд – објаснува Сугарески, укажувајќи на важноста од популаризација на ФИДИК во Македонија, особено од аспект на вклучување во образовните програми.
Енрико Винк, извршен директор на ФИДИК, нагласи дека при склучувањето на договорите не е најважна најниската цена и дека најниски трошоци се обезбедуваат со избор на најквалитетни кадри.
– Треба да се види како да се идентификуваат ризиците во нашиот бизнис за да можеме да ги намалиме. Договорот е и менаџирање на ризикот за да се знае како да се справиме и со ризикот од корупција, тоа не е само договорен документ. Меѓународните стандарди се проектирани да се справат и со другите проблеми – вели Винк.
Членови на асоцијацијата се седум реномирани компании од Македонија од градежната индустрија: „Бетон“, ФЕГО-инженеринг, „Гранит“, „Жикол“, ТЦС „Билдинг аутоматион“, „Сириус консалтинг“ и градежниот институт „Македонија“.