Фото: принтскрин

Директорката Косана Мазнева, која раководи со „Комунална хигиена“, посочи дека ова претпријатие сега веќе работи нормално, без блокади. Таа вели дека работата е вратена во нормала, посочувајќи дека блокадите биле за да се наруши нејзиниот кредибилитет, како и кредибилитетот на радоначалничката Данела Арсовска.

Не може да се среди за пет часа нешто што не се средило три дена поради заложништвото на мафијашки структури, порача градоначалничката Данела Арсовска.

– Градската администрација и „Комунална хигиена“ – Скопје успешно се справија со блокадата на нашето претпријатие од страна на мафијашките структури, кои не дозволуваа ниту еден вработен да си ги врши работните задачи. Помала група вработени, кои 15 години ја држат трета смена во претпријатието, спротивно на законите, а некои од нив не доаѓаат ни на работа, го блокира работењето на претпријатието, како и извршувањето на работните задачи, и не дозволуваа да се исчисти сметот во град Скопје – рече Мазнева.

– Нашето претпријатие три дена беше под целосна блокада. Територијата на град Скопје беше во заложништво. Од вчера, по 12-1 часот, екипите се на терен. Екипирани се сите работници. Нема да постои ниту една општина во која нема да се исчисти сметот. Ќе работиме 24 часа, сè почна со градските улици, се само да ги сервисираме потребите на граѓаните – додаде Мазнева.

Извршниот одбор на синдикалната организација при ЈП „Комунална хигиена“ одржа состанок и донесе одлука револтот на вработените да продолжи да го манифестира и да искористи други законски права што ги имаат со цел граѓаните на Скопје да не трпат поради игнорантскиот однос на менаџментот на претпријатието во однос на решавање на проблемите на вработените во „Комунална“.

Како што рекоа претставниците на синдикатот, сите вработени денеска ќе почнат со своите работни активности со оглед дека претстојат денови на екстремна жештина и веќе работниците од втората смена ќе почнат со работа, со собирање на сметот.

– Во текот на денот синдикалната организација ќе одржи уште еден состанок за дефинирање на понатамошните чекори во однос на проблемите што ги имаат вработените во „Комунална“ – посочија од синдикатот.