Жена е повредена откако од силниот ветер попладнево падна дрво на булеварот „Климент Охридски“ во Скопје.
Жената е пренесена на скопските клиники, а во расчитувањето на теренот интервенирала и Теритoријалната противпожарна единица на Град Скопје, со тројца пожарникари. Предизвикана е и материјална штета.
Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше за паднато дрво и кај трговскиот центар Веро Џамбо.
Повеќе информации од ЦУК најавуваат за подоцна.
УХМР сабајлево апелираше за внимание од појава на пороен дожд, грмежи и силен ветер над 70 километри на час.
Од УХМР ппредупредија дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.
– Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 70 km/h) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени – информираа од УХМР.