ПРОДОЛЖУВА ПРЕФРЛАЊЕТО НА ОДГОВОРНОСТА ЗА ТОА КОЈ ЌЕ ГИ ЗАГРЕВА РАДИЈАТОРИТЕ НА ЦЕНТРАЛНОТО ПАРНО ГРЕЕЊЕ ВО СКОПЈЕ
Сѐ уште има време Владата да направи нешто, меѓутоа тоа ќе биде многу тешко, бидејќи веќе се потрошени огромни износи на пари за субвенции за електрична енергија, а топлификацискиот систем е мал дел од тие пари, но многу проблематичен. Дополнително, огромен проблем е топлификацискиот систем, бидејќи постои проблем за транспортот на гасот низ Бугарија, кој Русија побара да се плаќа во рубли, што Бугарија нема да го прави. Ќе мора решение да се бара од други фирми и канали, истакна поранешниот директор на Топлификација, Димитар Хаџимишев
Сѐ понеизвесно станува решавањето на проблемот со греењето на скопјани што своите домови ги затоплуваат со парно греење што досега го добиваа од БЕГ.
Додека надлежните си ја префрлаат топката едни на други, граѓаните се прашуваат што ќе прават доколку грејната сезона започне порано, иако истата таа официјално започнува за петнаесетина дена.
ЗАПЛЕТКАНИ ВО „ТОПЛИФИКАЦИСКАТА МРЕЖА“
Истечени договори, одземени лиценци, недостиг од гас за загревање и недавање дозвола за изнајмување капацитети се проблемите што надвиснаа над надлежните, а за кои Владата сега се обидува да најде решение.
БЕГ, фирмата што до неодамна ги снабдуваше скопјани со топлинска енергија, ја изгуби лиценцата за работа, а од Владата најавија дека лиценцата ќе ја добие ЕСМ. Меѓутоа, додека ЕСМ да почне да работи, министерот за економски прашања Фатмир Битиќи нагласи дека до комплетирање на лиценците за работа, БЕГ ќе мора да ги затоплува радијаторите на скопјани. Дополнително, тој истакна дека БЕГ ќе мора да се снабди со природен гас или со мазут за да го обезбеди тоа.
Сепак, настојувањата од Владата кон БЕГ не даваат плод. Оттаму велат дека немаат законска обврска, ниту пак можност да испорачаат топлинска енергија за граѓаните за претстојната грејна сезона.
Од БЕГ велат дека по одземањето на лиценцата на 20 јуни имале законски рок од 90 дена да ја извршуваат дејноста, кој истекол, и во тој период се направени ремонти во топланите „Исток“ и „Запад“. Дополнително, информираат дека договорот за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“ со фирмата сопственик „Адора“ е раскинат, а договорот со ЕСМ е истечен.
– БЕГ производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите. БЕГ производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите тие – децидно истакнаа од компанијата.
ДО ФИНАЛИЗИРАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИТЕ И ПОТОА…
Вознемиреноста е веќе видлива кај граѓаните што користат парно греење, а од Владата ја смируваат топката и уверуваат дека скопјани ќе имаат парно греење.
Оттаму велат дека во завршна фаза се преговорите за да може ЕСМ да ја преземе работата на БЕГ, а дополнително, интензивно се работи на обезбедување енергенти за производство по најповолна цена.
– Се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите тие, јавноста ќе биде навремено известена. Граѓаните на градот Скопје ќе имаат парно. Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување најниска цена на гас или мазут, со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното – се вели во соопштението од Владата.
И од Регулаторната комисија соопштија дека до избор на нов вршител, БЕГ ја има обврската да испорачува топлинска енергија.
– Ве информираме дека Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од Енергетска заедница, во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека сѐ до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување јавна дејност. Обврската за вршење јавна дејност, регулирано производство на топлинска енергија, престанува со денот на издавање лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност) – потенцираа оттаму.
ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ, ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧУВА?
Едноставно кажано, за да може новиот оператор ЕСМ да ги преземе обврските на БЕГ и конечно да обезбеди парно греење за скопјани, потребно е да се постигне договор со фирмата „Адора“, која е сопственик на топланите „Исток“ и „Запад“, а која не сака истите тие да ги даде под закуп, односно, бара од надлежните да ги откупат.
Најголемиот проблем е тоа што за скопјани да имаат топли радијатори, надлежните, па кој и да е тоа, треба да имаат обезбедено природен гас или мазут, за да може да почне грејната сезона.
Токму тука е најголемиот проблем. Резерви немаат ниту БЕГ ниту ТЕ-ТО.
Според поранешниот директор на Топлификација, Димитар Хаџимишев, многу е тешко да се најде решение и ќе треба да се почека уште.
– Сѐ уште има време Владата да направи нешто, меѓутоа тоа ќе биде многу тешко, бидејќи веќе се потрошени огромни износи на пари за субвенции за електрична енергија, а топлификацискиот систем е мал дел од тие пари, но многу проблематичен. Дополнително, огромен проблем е топлификацискиот систем, бидејќи постои проблем за транспортот на гасот низ Бугарија, кој Русија побара да се плаќа во рубли, што Бугарија нема да го прави. Ќе мора решение да се бара од други фирми и канали – истакна Хаџимишев.
Според него, ризикот е голем и ние не знаеме што точно презема Владата за решавање на проблемот, но факт е дека време има сѐ помалку.
– Да оставиме уште 15 дена, бидејќи грејната сезона почнува на 15 октомври, тоа не е сменето. БЕГ нема лиценци, ЕСМ мора да се организира, тоа воопшто не е мала работа, мора да се најдат професионалци што ќе го работат тоа – смета тој.
Според професорот Константин Димитров, кој многу години работел во секторот енергетски постројки, термоенергетски постројки и одржување и експлоатација на термоенегретските системи, основниот проблем што не беше решен, а требаше да се реши за да функционира греењето во Скопје, беше да се обезбеди природен гас.
– Природниот гас можеше да се обезбеди или преку договор со ТЕ-ТО, фирма што е сопственост на приватна компанија од Русија, или да се ангажира „Макпетрол“, за да се заобиколи плаќањето за гас во рубли. Колку што гледаме, ништо не се презема, или барем не сме информирани дека нешто се презема. Гледаме изјави од страна на Александар Вучиќ дека ќе ни дал три и пол отсто од неговата резерва на гас, но за кое количество станува збор никој засега не може да ми одговори. Гасот е потребен за сите постројки што произведуваат топлинска енергија, само во Скопје има три. Никој нема купено гас и, за жал, останува да чекаме за 15 дена, да видиме како ќе се реши проблемот – вели тој.
Според него, доколку три дена по ред температурите на воздухот паднат под 12 степени, тогаш, обврска е да се вклучи парното греење, а тоа е дополнителен проблем, бидејќи никој не може да знае кога ќе се намалат температурите на воздухот.
– Ако нема гас, треба да се купи мазут, кој исто така не е набавен, а кога ќе го купат и пренесат во земјата, и тоа не се знае. Повторно, за жал, и кога ќе го купат мазутот и ќе почне да се употребува истиот тој, ќе почнат дополнително загадувањата на градот – потенцира тој.