Надлежните тимови продолжуваат да ги санираат последиците од силното невреме што викендов ги зафати скопските населби Козле и Капиштец, како и некои други делови од градот, особено на територијата на Општина Карпош. Невремето, проследено со пороен дожд, силен ветер и интензивни грмежи, предизвика материјални штети во овие две скопски населби.
Дежурните екипи веднаш излегоа на терен и почнаа со расчистување на скршените гранки и откорнатите покриви во реонот на Млечен ресторан, Педагошката академија, како и на улиците Братфордска и Јуриј Гагарин. Последици од невремето имаше и во други делови на општината Карпош, поради што екипите на „Комунална хигиена“ на Општина Карпош ги сечеа и ги расчистуваа паднатите дрвја на овие локации. Невремето разнесе и неколку покривни конструкции – лимови, кои веднаш беа отстранети, со цел да не се предизвика поголема материјална штета.
Штети имаше и во Општина Центар, поради што градоначалникот на оваа скопска општина, Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со припадниците на МВР изврши увид на неколку локации каде што граѓаните имаа пријавено штети. Паднат е лим од покрив на улицата Црвена Вода, кој оштетил неколку возила што биле паркирани во непосредна близина на зградата, а пристигнати се и неколку пријави за паднати дрвја на повеќе локации во општината.
Тој најави дека денеска ќе биде формиран посебен тим од општината што ќе излегува на терен по временски непогоди и ќе врши увид во состојбата.
– Жителите на Центар сите поголеми штети од невремето можат да ги пријавуваат на бројот за итни случаи 112, од каде што ќе бидат проследени до општинскиот штаб за управување со кризи – изјави градоначалникот Герасимовски.
Инаку, од УХРМ најавуваат дека и неделава не се исклучува да има нестабилност во главниот град, особено во текот на попладневните часови.
– Во следните денови, подрачјето на нашата земја и понатаму ќе биде под влијание на влажен и нестабилен воздушен бран, што ќе услови променливо облачно и нестабилно време, со пороен дожд и грмежи. Локално, претежно во попладневните часови, ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. Температурите ќе останат значително пониски во однос на изминатиот период – велат од УХРМ.