Триумф на Гроздановски и на штафетната двојка Георгиев – Аврамовиќ

КОЊИЧКИ СПОРТ – ПРВ АВГУСТОВСКИ ТУРНИР ВО ПРЕСКОКНУВАЊЕ ПРЕЧКИ

Во организација на коњичкиот клуб Вивакс, на хиподромот во Маџари во Скопје, се одржаа првиот Августовски турнир и третото коло од отвореното Лига-првенство на Македонија во прескокнување пречки. На програмата беа два натпревара, со височина на пречките од 0,9 до 1,2 метар.
Во првиот натпревар штафета (составена од по два јавача н.з.), со височина на пречките од 0,9 до еден метар, победи штафетата во состав
Цветанка Георгиев со грлото „Чарли“ и Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ и двете од КК Бравадос. Второто место им припадна на Петар Милошевски со грлото „Надја“ и на Ева Димитриевска со грлото „Ерос“, исто така од КК Бравадос. Третото место го освои штафетата што ја сочинуваа Сандра Маслинко со грлото „Прешес“ и Кристина Антова со грлото „Нур“ и двете од КК Анималс.
Во вториот натпревар (во две манши), каде што натпреварувачите скокаат во прва и втора манша, со височина на пречките од 1,05 до 1,2 метар, првото место го освои Дарио Гроздановски со грлото „Силвано“ од КК Анималс, втора беше Меланија Атанасовска со грлото „Влеут“ од КК Илинден, а трет Петар Милошевски со грлото „Надја“ од КК Бравадос.
Вториот Августовски коњички турнир во прескокнување пречки и второто коло од Купот на Македонија, во организација на КК Илинден, се планирани да се одржат на 27 август, исто така на хиподромот во Маџари. Г.И.