Општина Кисела Вода започна со темелна реконструкција на училишната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Се прави целосна термоенергетска обнова на ѕидовите, се поставува двојна изолација со гипс-панели, додека на подот, кој има површина од 430 квадратни метри, ќе биде поставен нов паркет. Се менуваат електричната инсталација и осветлувањето, се санира и системот за вентилација. Во моментов се врши демонтажа на спортските реквизити. По нивната санација, тие ќе бидат повторно поставени во обновената сала, каде што ќе биде реконструирана и влезната врата.
По барање на Општина Кисела Вода, БЕГ постави нов приклучок со потстаница, со што салата доби и парно греење.
– Со големо задоволство сакам да истакнам дека за помалку од два месеца, учениците ќе добијат квалитетни услови за одржување на часовите по физичко воспитување. Инвестирањето во подобрувањето на инфраструктурата низ основните училишта што се во надлежност на Општина Кисела Вода ќе продолжи со несмалена динамика, бидејќи квалитетниот образовен процес подразбира и добри и современи училишни објекти – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој изврши увид во состојбата на овој објект.
Неодамна, нов подобрен лик и поголема функционалност доби и салата во ООУ „Партенија Зографски“.