Фото: Град Скопје

Директорите на ЈСП Турс Филип Василевски, на „Улици и патишта“ Борис Настов и на „Лајка“, Воислав Димитровски, поднесоа оставки до градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

– За период од 6 месеци, успеавме неколкукратно да ги зголемиме приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедиме линеарно зголемување на платите за сите вработени. Но тоа не е доволно кога ЈСП Турс ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со Генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која не обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од градот кој се повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси затоа си давам оставка од директор на ЈСП Турс, од каде си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам – рече Василевски.

Настов изјави дека одлуката ја донел како резултат на неадекватната комуникација со градоначалничката.

-Како и немањето на разбирање при реализаиција на клучните проекти од интерес на Градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал. Неможноста и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплеметација на зацртаните проекти и активности на претпријатието, придонесоа кон донесување на оваа моја одлука – рече Настов.

Оставка јавно поднесе и Воислав Димитровски в.д. директор на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје.

– Поради недостиг на поддршка од страна на Град Скопје, ЈП Лајка има континуирано блокирани сметки, каснење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец немаме исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП Лајка за извршени услуги – пишува Димитровски.

Претходно, Арсовска го разреши директорот на Водовод и канализација, Златко Перински, поради, како што објасни, самоволие и влијание токму врз овој тендер, а тој ја обвини дека побарала смена на членовите на евалуационата комисија, што не било одобрено од банката-кредитор.