Градскиот парк неодамна осамна во мрак и сето тоа „благодарение“ на граѓани што во ноќните часови „се забавуваат“ уништувајќи ги разводните кутии, кои се под висок напон и ги снабдуваат светилките во паркот со електрична енергија

Вандализмот се чини дека станува заштитен знак на одредени групи луѓе, кои под закрилата на ноќта во главниот град уништуваат јавен имот и содржини што локалната самоуправа и јавните претпријатија ги инсталирале за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните. За жал, општинските власти во сѐ поголем број евидентираат голем број случаи на уништување на урбаната опрема, а последни во низата се уништените разводни кутии за електрична енергија, од кои се врши снабдување со електрична енергија на уличното осветлување. Сторителите, кои засега се непознати, се чини дека воопшто не се ниту свесни за повеќеслојната опасност на делата што ги реализираат, не само од аспект на кривичноправната одговорност туку доведувајќи го во прашање и својот живот при вандализмот што го вршат.

МРАК ВО ПАРК

Градскиот парк неодамна осамна во мрак и сето тоа благодарение на граѓаните што во вечерните часови шетаат и се чини дека немаат друга попаметна работа, па ги уништуваат кутиите со електрична енергија од која се снабдуваат светилките во паркот.
Како што информираат градските власти, чуварските служби на градот веднаш излегле на терен, при што констатирале дека непознати сторители насилно ги отвориле кутиите за електрична енергија кај Зоолошката градина – Скопје и во близината на споменикот на Гоце Делчев. При увидот било констатирано дека осигурувачите биле исклучени.
– По увидот веднаш е постапено и беше вклучена електричната енергија за осветлувањето на Градскиот парк. Град Скопје остро ги осудува ваквите дејства, апелираме до граѓаните да не се врши насилно отворање на орманите за електрична енергија, затоа што со тоа се доведува до опасност мрежата за електрична енергија и се загрозува безбедноста на посетителите на Градскиот парк – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека службите во Град Скопје го известиле Министерството за внатрешни работи по повод овој вандализам.

СЛИЧНИ СЛУЧАИ ВО ПОВЕЌЕ ОПШТИНИ

Неодамна, сличен случај беше регистриран од екипата на „Нова Македонија“ во скопската населба Аеродром, во паркот на крстосницата по трговскиот центар „Три бисери“, во паркот каде што има голем број фонтани и помала црква, каде што голем број мали дечиња трчаат, играат и се рекреираат, а наедно и уживаат во фонтаните.
Нашата екипа регистрира неколку отворени кутии од кои зјаеја кабли, стрчеа разни електрични елементи, под напон, од нив и буквално беше прашање на време кога некое дете можеше да настрада. Новинарската екипа од скопската рубрика веднаш реагираше до надлежните во Општина Аеродром, од каде што во најбрз можен рок излегоа екипи на терен и ги затворија отворените кутии.
Општинските власти од Аеродром информираа дека за случајот веднаш биле информирани надлежните од Општината.
– Беше постапено во најбрз можен рок и интервенирано веднаш. Инаку, доколку се забележи оштетување на опремата под надлежност на Општина Аеродром нашите служби пријавуваат во полиција – информираат од Аеродром.

ВАКВАТА ФОРМА НА НАСИЛНО ОДНЕСУВАЊЕ СЕ ПОВТОРУВА

За граѓаните овој проблем е доста голем и сериозен и мошне чест.
– Речиси и да нема локација во градот каде што нема отворени кутии за улично осветлување. Постојано пријавуваме, надлежните постојано ги затвораат, но набрзо, најверојатно, повторно од истите вандали, кутиите се отворени. Тие навистина претставуваат голема опасност за децата. Тие се љубопитни, сакаат да истражуваат, секаде да пипнат и да разгледаат и воопшто не се свесни дека можат да настрадаат од струен удар. Тоа треба да биде аларм за сите родители, да бидат многу внимателни кога ги пуштаат нивните деца да играат, да внимаваат и да не тргаат поглед од нив, бидејќи само една секунда невнимание, може да нѐ чини еден детски живот – вели Бисера Стојановска.

[email protected]