Фото: Маја Јаневска-Илиева

Приватните превозници имаа средба во Град Скопје, но ние не функционираме со уцени и притисоци, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Во интервју за телевизија Канал 5, Арсовска вечерва истакна дека не треба да им се дозволи на неколку поединци кои како што вели „работат во свој интерес“ да манипулираат со група на граѓани кои чесно сакаат да го заработат лебот.

– Има јавен повик, кој е чесен, искрен и кој сака да работи на начинот на којшто треба да ја работи може да се пријави. Градот повеќе нема договор со „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“. Тие го раскинаа договорот со тоа што престанаа да ја испорачуваат услугата за скопјани. Едните, бидејќи повеќе месеци наназад не го испорачуваа минимумот од 80 проценти, а другите бидејќи престанаа во целост да возат – вели Арсовска.

За ефикасноста на јавниот превоз во главниот град, градоначалничката вели дека се работи за претпријатие што било оставено во незавидна состојба.

– Некој шпекулираше со бројки, вие може да имате и илјада автобуси во Скопје што можат да се вклучат во ваква дејност, но фактот е дека огласот во 2021 година на којшто овие лица аплицирале, бил за околу 80 автобуси. Минатата година кога бил тој повик биле 87 автобуси, дополнително на што треба да има одредена резерва, прашањето што треба да се постави е што се случило со јавно сообраќајно претпријатие – додаде градоначалничката Арсовска.

Таа потенцираше оти останува на ставот дека ќе има бесплатен јавен превоз во Скопје.