Чествувањето на револуционерката Мара Бунева и на нејзиното дело во Скопје и годинава се користи за провокации од бугарска страна, што се забележува во фејсбук-објавите на Виктор Стојанов и на фондацијата „Македонија“, чиј претседател е тој. При споделувањето на фотографии од денешното положување цвеќе во македонскиот главен град, на фејсбук-профилот на фондацијата „Македонија“ пишува дека „се горди на Бугарите што дошле во чест на Мара Бунева за време на антибугарскиот режим во Скопје“.
– Притисокот врз Бугарите во Македонија е голем, а сепак, можете да видите дека десетици Бугари од Македонија дојдоа во чест на Бунева. Не можете да го изгаснете, тоа што не се гасне – наведе Стојанов, на кој своевремено му беше изречена забрана за влез во Македонија од година и три месеци, а тој за бугарските медиуми тврдеше дека има доживотна забрана.
Десетина почитувачи на делото на Бунева во нејзина чест, традиционално, положија цвеќе пред спомен-плочата на кејот на Вардар, на одбележувањето на 96-годишнината од смртта на револуционерката. Дел од нив носеа знаме што ја претставува Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), на кој беше испишана паролата „Македонија на Македонците“ на бугарски јазик, како и портрет на Бунева. Настанот помина мирно и без инциденти.
На минатогодишното чествување во Скопје, европратеникот Ангел Џамбаски, познат по провокациите кон македонскиот народ и оспорувањето на историските факти, не пропушти шанса одново да упати националистички пораки.
Мара Бунева на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај Камениот мост во Скопје. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала, а на повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари.
Спомен-плочата поставена во чест на Мара Бунева на кејот на Вардар во Скопје, во неколку наврати претходно беше вандализирана.