Во Општина Аеродром се поставени нови чешми на сензор, а во Ѓорче Петров нови фонтани

Градот и општините не водат преголема грижа дали има потреба од повеќе фонтани како украс и места за освежување на граѓаните, ниту пак за тоа дали има доволно градски чешми

Некои од скопските општини како сосема да заборавија да градат фонтани, кои освен за освежување на граѓаните се потребни за да го разубават просторот во градот. Заборавени се дури и малкуте од оние во центарот и по населбите, кои сега се нефункционални и полни со ѓубре. Во светот постојат фонтани што воодушевуваат со својата убавина. Покрај својот изглед, тие восхитуваат со водното шоу што им се нуди на минувачите, кои токму таму користат неколку минути одмор и освежување.

И додека во светот фонтаните се парче архитектура на кое му се посветува големо внимание и се трошат милионски суми за да бидат атракција за туристите во познатите светски градски центри, кај нас нема ниту обични фонтани на плоштадите, пред јавните згради, пред хотелите, пред станбените згради, близу детските игралишта. Град Скопје, во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски, на плоштадот изгради една многу атрактивна фонтана со водоскоци, но годинава поради коронавирусот не проработи. Таму минатото лето се собираа многу скопјани со своите деца, особено во вечерните часови.
Имаат ли скопските општини во своите планови предвидено изградба или поставување нови чешми и фонтани и колку се заинтересирани за градење вакви објекти, кои ќе го зголемат интересот на граѓаните и ќе им служат за релаксација? Прашање е дали во летните многу потопли денови, кои допрва доаѓаат, ќе се поправат и ќе се оспособат за својата намена и оние постојните, односно дали ќе се пушти вода во фонтаните што сега се пресушени.

Од Општина Центар велат дека немаат во план оваа година да градат фонтани или да инсталираат нови градски чешми за пиење вода.
– За фонтаните не размислуваме. Досегашните чешми што ги има поставено Општината, ЈП „Водовод и канализација“ ги има преземено и ги одржува на годишно ниво, односно ги пушта во април и ги затвора во ноември. Исто така ги санира и дефектите. Изминатиот период имаше оштетувања на неколку чешми, на пример во паркот Капиштец и оштетените чешми беа заменети со нови. Во поглед на минорни оштетувања, се забележуваат затнувања на одводот, оштетувања на елементите за пиење и пуштање вода (онаму каде што има автоматско пуштање по потреба) и целосна демонтажа, односно вандалско уништување.

Сепак, досегашното искуство со ЈП „Водовод и канализација“ е на високо ниво и дефектите се отстрануваат во рок од неколку часа од пријавата или увидот – велат од Општина Центар.
Жители од Општина Аеродром, пак, поточно од населбите Аеродром и Ново Лисиче реагираа дека на повеќе локации се руинирани малите фонтани за вода. На нивно место зјаат празни дупки, во кои несовесни граѓани фрлале ѓубре. Но извадените бетонски фонтани, Општина Аеродром ги замени со нови чешмички за вода на целата територија на Општината.
– Се поставуваат нови чешми за пиење вода на 30 локации низ Општината. Новите чешми се со посовремен дизајн, со горен и долен сливник, со временски потисен вентил и со автоматско запирање на водата до 10 секунди. Со поставувањето на новите чешми ќе се постигне значителна заштеда на вода – информираат од Општина Аеродром.

И во Општина Ѓорче Петров старите фонтани беа заменети со нови.
– Во текот на оваа недела реонскиот парк во срцето на Ѓорче Петров ќе добие нова урбана опрема. Ги менуваме постојните стари со новоопремени фонтани и чешми со вода за пиење. Заедно со корзото, чие отворање се најавува за наскоро, паркот во центарот на Ѓорче добива целосно нов лик – напишаа и на својата општинска страница надлежните од Ѓорче Петров.
Од општините Кисела Вода и Гази Баба не успеавме да добиеме одговор.