Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, беше во посета на основното училиште „Лазо Трповски“, во населбата Карпош 3. Тој имаше можност да види како се одвива наставата со физичко присуство и онлајн предавањата.
– Никој не може и не смее да ги занемари повисоките бројки на заболени лица. Училиштата мора да бидат подготвени и да постапуваат во согласност со насоките добиени од здравствените власти. Како општина правиме сѐ што можеме. Обезбедивме повеќе средства за дезинфекција на образовните установи, набавивме ИТ-опрема за наставниот кадар, за непречено да се одвива наставата. Сепак, никој не може да вети целосна подготвеност, затоа да бидеме одговорни и претпазливи – рече Богоев.
Општина Карпош ги повикува сите ученици, наставници и родители да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Имајќи ја предвид моменталната состојба, очигледно е дека вирусот сѐ повеќе е дел од нашето најблиско опкружување и само со навремено информирање и комуникација со релевантните лица (служби на училиштето, матичен лекар) можеме да спречиме ширење на коронавирусот.