Универзитетот „Корнел“ спроведе анализа на дезинформациите, лагите и теориите на заговор за ковид-19 што кружат низ медиумите, а неговите откритија ги објави весникот „Њујорк тајмс“. Истражувачите анализирале 38 милиони статии објавени на англиски јазик на глобално ниво од 1 јануари до 26 мај, откривајќи дека 1,1 милион содржеле дезинформации. Тоа претставува нешто помалку од три проценти од целата дебата за новиот коронавирус. Едно од централните откритија е дека претседателот на САД е спомнат речиси во 38 отсто од сите написи што содржат дезинформации, што го прави најголем промотор на инфодемијата (лаги за ковид-19).
Од 1,1 милион написи за кои е утврдено дека содржат лажни информации, 46 проценти спаѓаат во категоријата дезинформации и заговори. Студијата забележа 11 различни заговори, почнувајќи од тврдењето дека ковид-19 е развиван како биолошко оружје во лабораторија во Вухан до тврдењата за длабоката држава и за „новиот светски поредок“. Основачот на „Мајкрософт“ и милијардер, Бил Гејтс, исто така се појави во теориите на заговор, заедно со главниот американски епидемиолог, д-р Ентони Фаучи, кој беше обвинет дека ги преувеличува бројките за смртни случаи и дека е марионета на фармацевтската индустрија.

Најраспространетата теорија на заговор досега е за чудотворни лекови и таа е централна тема на конвергенција на неколку различни видови дезинформации. Тие го вклучуваат претседателот Трамп, кој се залага за употреба на хидроксихлорокин и на хлорокин, и покрај фактот што ниту едно истражување не утврди дека тие се ефикасни во лекувањето на пациентите со ковид-19. Слично на тоа, иако Трамп беше исмеван кога тврдеше дека ултравиолетовата светлина и средствата за дезинфекција може да се користат како третман, бројот на написи во категоријата дезинформации „чудотворни лекови“ се искачил од 10.000 до 30.000 само за еден ден. Студијата директно го посочува претседателот Трамп, кој се зарази со ковид-19, дека е промотор на горенаведените невистини.