Фото: Игор Бансколиев

Општинските инспектори не ги подигаат, бидејќи стравуваат од тужби од сопствениците

Додека огромен број граѓани секојдневно мака мачат како да обезбедат паркинг-простор, расте бројот на казни за неправилно паркирање и изречени сообраќајни прекршоци по таа основа, одредена категорија граѓани и возила немаат мака со паркирањето. Тие едноставно со години, па и декади, имаат обезбедено дебела ладовина за своите возила и никој не може да ги помести оттаму. Тоа што узурпираат јавна површина е сосема друг проблем. Да биде апсурдот поголем, не се работи ниту за возила на истакнати личности, кои по силата на функцијата заслужуваат одредени привилегии. Но привилегиите што ги уживаат хаварисаните возила и крнтии оставени на паркиралишта или слободни јавни површини во градот и државата ги нема никаде во светот. Притоа, овие крнтии, кои одамна го изживеале своето и не се веќе во возна состојба, за узурпацијата на јавниот простор не плаќаат ниту денар, додека сите други граѓани само еден час паркирање ги чини од 50 до 70 денари. Сега, колку градот и државата ги чини паркирањето на овие возила што стојат и по 15-20 години пресметајте сами.

Дебар Маало – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Општинските комунални инспектори тврдат дека законски недоречености во постапката и процедурата на постапување ги оставаат хаварисаните возила по улиците и по тротоарите. Велат поради нејаснотии во процедурата, која законот децидно не ја опишува често се плашат и да постапат. Се расчуло меѓу нив дека нивен колега завршил на суд, обвинет за кражба на возило, а всушност само подигнал хаварисаното возило по изминувањето на законскиот рок по упатена опомена до сопственикот. Постапката на докажување се преселила во судница, а секако возилото е туѓа сопственост и не може да се отуѓи од сопственикот според недефинирана процедура. Токму затоа, објаснуваат општински комунални инспектори, имаат тешкотии со подигањето на хаварисаните возила.

Бутел

Општините некогаш организираа акции за подигање стари и дотраени автомобили што не се во возна состојба, а сега во секоја населба може да се регистрираат и по неколку дотраени автомобили во секоја населба. Стравот од тужби ги одвраќа од постапување, велат инспекторите, или ги тера да бидат многу внимателни во постапувањето. Велат во одредени ситуации ги наоѓаат сопствениците на оставените возила, а тие по дадениот рок ги отстрануваат своите стари моторни миленици.

Капиштец – Фото: Игор Бансколиев

– Не е добро законски уредено подигањето на хаварисаните возила, не е јасно објаснета процедурата. Оваа проблематика најпрвин беше ставена во Законот за јавна чистота, а потоа тој член 14 беше тргнат и сега хаварисаните возила се дел од Законот за безбедност во сообраќајот. Според претходниот закон ги казнувавме сопствениците по 50 евра доколку не го отстранат својот автомобил од јавна површина, улица, паркинг или тротоар. Сега ако го најдеме му правиме записник и му даваме рок за колку време да го отстрани возилото. Негово е дали ќе го транспортира на отпад или ќе го носи на приватен имот. Казна следува доколку не се почитува извршното решение. За полесно да постапуваме, законот мора јасно и децидно да ја цитира процедурата на постапување. Сега таа му е препуштена на инспекторот – вели Трајан Петровски, раководител на инспекцијата во општината Гази Баба. Од секторот за внатрешни работи, пак, на Скопје велат дека полициските службеници постапуваат и според Законот за безбедност во сообраќајот, но и по Законот за јавна чистота
Казните се 45 до 50 евра.

Карпош 3

„Макстил“ ја откупува лимаријата од отпадите

Само отпадите во Македонија покрај старо железо откупуваат дотраените и стари автомобили што не се во возна состојба, а „Макстил“ од Скопје од нив ја откупува само лимаријата.

– Имаме годишни договори со отпадите за откупување на лимаријата. Цените се променливи и се регулираат со анекс-договори. „Макстил“ од физички лица не откупува ниту железо ниту лим. Отпадите се тие што ги откупуваат старите и дотраени автомобили и тие го одвојуваат железото од пластиката или пластиката од лимот. Ние не користиме ваква технологија – вели Иван Беновски, директор на „Макстил“ од Скопје


Странците со поефикасна процедура за отстранување хаварисани автомобили

Во западноевропските земји, процедурата за отстранување хаварисани и напуштени возила е многу брза и ефикасна, а обврската им е припишана на советите на локалните власти. Како пример можеме да ја земеме Англија, каде што напуштените и хаварисани возила што се оставени на јавни патишта или на други јавни места, во соработка со полицијата и Државната служба за возила се во надлежност на локалната власт. Во оваа земја, законите велат дека напуштање и оставање возило е криминално дело и сопственикот на возилото може да биде законски гонет ако хаварисаното возило го остави на јавно место. Сопствениците на напуштени возила може да бидат казнети до 2.500 фунти, доколку не успеат да се справат со своето возило. Системот во оваа земја функционира така што сопственикот добива известување дека доколку тој не успее да го отстрани во рок од 24 часа, локалната власт има овластување да го отстрани возилото и да го уништи или складира.

Лисиче – Фото: Игор Бансколиев